Верував и бев упорна и истрајна и вредеше
Читајќи по форумите и пребарувајќи по темите за ризични и проблематични бремености, во надеж дека барем некому ќе помогне вакво искуство, сакам да го споделам и моето искуство и проблемите со кои се соочив во претходните месеци.
По среќата со двете цртички од тестот за бременост, проблемите почнаа веќе од петтата недела од бременоста...прокрварив без болки и не обилно. Матичниот гинеколог мислеше дека се работи за започнат спонтан абортус и само со чекање да помине некое време ќе видиме дали ќе престане или ќе засили крвавењето...На ЕХО прегледот не се гледаше плод, само поголема гестациска вреќичка. Гинекологот ни рече дека 99% е сигурен дека нема плод, на наше инсистирање да ни каже што како превентива и заштита можеме да земеме, ни препорача вагиналети Утрогестан и строго мирување.
Следната недела се намали крвавењето, но сеуште немаше плод - само гестациската празна вреќичка...ајде да почекаме уште една недела.
Следната недела крвавењето престана, плодот сеуште го немаше и матичниот не подготвуваше за абортус...
Тоа беа пеколни три недели.
Осмата недела отидовме кај друг гинеколог - и ете го бебето со уредна срцева активност и развој. Почнавме со Добростан како поддршка на бременоста, Магнезиум и строго мирување.
Колку бевме среќни што се излезе во ред!
До двесеттата недела сите прегледи беа уредни и се беше во ред, тогаш се јавија силни болки во стомакот, контракции кои ако продолжеле еден час, ќе сум го изгубила бебето...среќа што веднаш отидовме во болница и ми ги смирија контракциите со инфузии и Генипрал за седум дена.
Во тие моменти, додека се смируваа контракциите, на скринигнот што се прави во дваесет и првата недела, се покажа дека папочната врвца е со единечна артерија (SUA) што рекоа дека е показател за можни абнормалности и генетски деформитети...
Докторите убедуваа за амниоцинтеза, додека се смируваа контракциите и креваа раменици. Потпишав и одбив да ја направам амниоцинтезата на сопствена одговорност, свесна за ризикот кој таа го носи.
Имаше и наод за печуркаст деформитет на плацентата која ја нарекоа додаток на плацентата кој воопшто не претставува проблем.
Бебето константно доцнеше со развојот една недела, но на ЕХО мерењата димензиите му беа нормални.
Покрај сите маки, и омекнат скратен цервикс...и за тоа рекоа дека треба да се направи интервенција зашивање на грлото на матката за да можам послободно да се движам, но откако ми објаснија дека тоа не значи станување од креветот...сфатив дека не ми менува ништо, ќе останам во кревет во секој случај и не ја направив интервенцијата.
Мирување и исчекување што ќе биде понатаму, ќе успееме ли...
Пред породувањето, на ЕХО прегледите се гледаше дека папочната врвца е замоткана околу вратот на бебето и за да не ризикуваме, заради негова безбедност планиравме породување со царски рез.
Докторот кој требаше да ме породи откако му кажавме за сите проблеми во бременоста првин сакаше да се обидеме со вагинално породување, па ако се појави некој проблем лесно е за царски рез...набргу го промени ставот (откако се консултирал за единечната папочна врвца) и сепак рече да му дадеме шанса на бебето, подобро директно со царски рез. За бебето рече дека не е доволно пораснато, околу две и пол килограми. Не искара зошто не сме направиле амниоцинтеза, ни рече дека се можни компликации и ги наброја сите можни синдроми и деформитети кои може да ги има...
Во тој момент само си помислив - во Божји раце сум и јас и бебето...како и што ќе биде никој не може да знае.
На породувањето се роди Јаков, здраво и право машко дете од три килограми и четиристотини грама, на запрепастување на сите доктори и педијатарот кој беше спремен за најлошото.
Излезе дека папочната врвца која се гледаше дека му е замоткана околу вратчето на бебето, не била така, туку бил олабавен јазол кој му стоел на вратот и при вагинално породување ќе се затегнел и бебето без кислород ќе сме го загубеле. Среќа што се одлучивме за царски рез.
Печуркастиот додаток на плацентата бил миом за кој препорачаа следење откако ќе се средам по породувањето.
Верував и бев упорна и истрајна и вредеше.
Никогаш не се знае и не може да се предвиди како ќе се заврши, без оглед на докторските мислења и претпоставки.
Јаков
Фала му на Господ, Јаковче ми е најслаткото бепче на свет, и што е најважно - живо и здраво...а започнавме со шанса од 1%.
Секоја душичка си има своја судбина.
Родителите на Јаков се спремни да помогнат со совет и подршка на родители, кои се наоѓаат во слична ситуација. Заинтересираните можат да ги контактираат преку нашата редакција.