Телото после бременоста

Толку многу промени на телото и се прашувате кога ќе си го вратите назад вашето предтрудничко тело. Крварење, стрии, стомакот можеби сеуште личи на труднички, ако сте заборавиле да ставите влошки за доење на блузите ќе имате по 2 тркала...

Имањето на бебето е прекрасна работа, но телото по породувањето не е баш такво. Многу жени се изненадени од својот изглед по породувањето, не знаат што да очекуваат. Подобро е да се подготвите однапред, така нема да бидете шокирани што вашето тело не е такво какво што го паметите од пред бременоста.

Немојте да бидете очајни и да се оптоварувате, сите овие промени се нормални и што е многу утешително минливи. Со малку труд веројатно дека ќе го добиете вашето старо тело во рок од една година.

Опуштете се и сконцентрирајте се на градењето на вашата врска со бебето. Уживајте во него, наместо да се секирате за вашиот изглед. Еве како најчесто изгледаат промените и опоравувањето.
 

Стомакот
 

Сигурно сте слушнале многу мајки дека се жалат дека стомакот по породувањето им изгледал ужасно. Понекогаш заради стомакот може да ви се чини дека сеуште сте бремени. Оваквиот стомак е сосема нормална работа.

Најчесто подуеноста ќе исчезне за неколку недели, но тоа не значи дека за толку време вашиот стомак целосно ќе се повлече. За тоа можеби ќе ви бидат потребни вежби.

Сепак немојте да брзате со вежбите. Почнете со вежби кога ќе почувствувате дека вашето тело е спремно за нив, но во првите 3 месеци по породувањето воопшто не е препорачливо ригорозно вежбање.
 

Стрии
 

Повеќето жени во текот на бременоста добиваат стрии. Најчесто се јавуваат на стомакот, градите, бедрата и сл.

Добрата работа со стриите е што со текот на времето ќе избледнат. Но немојте да мислите дека тоа ќе се случи веднаш и целосно. Пред да почнете да размислувате за ласерски третмани, почекајте барем една година да видите како ќе се одвиваат работите.
 

Линеа нигра
 

Темната линија што ја добивте по должина на стомакот ќе исчезне целосно. Бидете трпеливи, можеби ќе поминат неколку месеци.
 

Вашите гради
 

Можеби најголемата промена ќе ја приметите на вашите гради. За време на бременоста градите кај повеќето жени се зголемуваат за 2-3 броја, а по раѓањето на бебето и надоаѓањето на млекото се уште значително поголеми.

Кога ќе престанете со доењето, градите ќе се вратат на претходната големина. Кај некои жени ќе ја добијат и претходната форма, но кај поголемиот број нема. Вообичаено формата на градите е промената по бременоста, која на жените најмногу им смета. Купувајте добри градници со добра потпора. Некои жени се решаваат на естетска хирургија, но ако мислите повторно да раѓате ова навистина нема смисла.

Во првите денови од доењето брадавиците можеби ќе ви бидат поосетливи и болни. Ако болката продолжи, е силна или ако почнат да крварат, веројатно дека имате погрешна техника на доење. Прочитајте како правилно бебето да го поставите на градата и консултирајте се се поискусни мајки.
 

Вагината
 

Ова е дел кој ќе биде малку болен. Доколку се е во ред и нема некаква инфекција, би требало се да помине за околу една недела. Ако ви била направена епизотомија, нормално е дека болката ќе биде поизразена и веројатно ќе биде подолга.

За бебето да помине низ родилниот канал, било потребно мускулите и лигаментите да се растегнат колку е можно повеќе. Би било добро да започнете со вежби за враќање на тонусот на мускулите. По породувањето често пати кај жената може да се јави неволно истекување на урина. Кегеловите вежби пред и по бременоста, ќе ви помогнат за побрзо санирање на состојбата. Со текот на времето проблемот се намалува. Ако не се случи тоа, разговарајте со вашиот лекар.
 

Поспородилно крварење
 

Крварењето најчесто трае околу 6 седмици, но тоа варира. Исто така варира и видот на крварењето, на почетокот е црвено, по покасно преминува во кафенкасто и розикаво и количински се намалува.

Крварењето ќе биде присутно без разлика на тоа дали сте се породиле вагинални или со царски рез. Тоа доаѓа од раната на местото во матката каде што била прикачена плацентата.

Повеќе прочитајте тука: Постпородилно крварење.
 

Кожата
 

Кожата по породувањето ќе ви се врати во истата состојба од пред бременоста. Пигментацијата на лицето или т.н. трудничка маска ќе исчезне. Можеби ќе треба да се стрпите малку додека да се случи тоа.
 

Тежината
 

Веројатно по породувањето ќе чувствувате дека телото ви е поголемо од било кога. Доењето на многу жени им помага да ги намалат вишокот на килограми добиени во бременоста. Дури се случува некои жени да станат изразито слаби.

Вашето тело троши доста калории за производството на млеко. Но она што нема да ви оди во прилог за симнување на тежината е што веројатно ќе чувствувате силна глад.

Внимавајте што ќе јадете. Поради немањето на време заради обврските со бебето, кај многу жени постои силно искушение да се хранат со грицки и брза храна. Наместо тоа обидете се да се храните здраво. Тоа ќе биде добро за вашето здравје, а и нема да качите непотребни килограми.

Повеќе за губењето на вишокот килограми прочитајте тука: Cлабеење по породувањето.  

Секс
 

По породувањето веројатно секосот нема да биде една од вашите први мисли. Не веројатно, туку сигурно.

Многу жени се плашат од првиот секс по породувањето, дека ќе биде болен, дека ќе пукнат конците ако жената била шиена итн. Уморот и исцрпеноста се дополнителен фактор за да не мислите на секс.

Не брзајте, дајте си време да се почувствувате сигурни. Ако имате стравови, предупредете го партнерот да биде внимателен.

Хормоналните промени со доењето предизвикуваат сувост. Искуството со постпородилниот секс веројатно дека ќе си го направите многу попријатно ако користите лубриканти. Многу парови ги користат додека трае доењето.

Сексот сепак е една од работите врз кои бременоста нема остави трајни последици. Вашата способност за уживање во него нема да се намали.