Намалена сексуална желба по породувањето
Дали откако се породивте вашето либидо е намалено? Ако е така, не сте сами. Ова се случува кај голем број жени.
Лекарите велат дека со сексуални односи може да се започне 6 недели после породувањето, но многу жени имаат намалена желба со месеци, па понекогаш и до година.
Според најновата студија на истражувачите од Универзитетот во Мичиген, главни причини кои ги навеле жените за слабата сексуална желба се: уморот, навиките на спиење кај бебето и немањето на време. Но, освен истоштеноста и стресот кои се чести кај новите мајки, исто така во телото се случуваат и големи хормонални промени.
Нивото на тестостерон после породувањето кај некои жени опаѓа, дополнително доењето предизвикува да се ослободува повеќе пролактин - кој пак ја намалува возбудата. Со доењето се намалува и женскиот хормон - естрогенот, а тоа влијае врз вагиналното ткиво и предизвикува сувост. На сето ова некои мајки страдаат и од извесно ниво на пост породилна депресија.
Адаптирањето на новиот живот како мајка може да биде тешко, а сексот да се потисне настрана. Бидејки новороденчето има постојана потреба да биде во контакт со мајката, кога таа конечно ќе начека време за себе често пати последно нешто што сака е допир од друга личност.
Неколку совети:
- Овој период ќе помине, секако. За да го пребродите полесно, разговарајте со вашиот сопруг кажете му како се чувствувате.
- Не брзајте, дадете си доволно време. Слободното време додека спие бебето обидете се да не го користите само за средување на домот, направете простор за интимност. Тоа не значи дека мора да имате секс, можете едноставно само задно да лежите и да се гушкате.
- Ако имате проблем со вагинална сувост, не се воздржувајте да користите лубриканти.
- Повремено најдете некој кој ќе ви го причува бебето и излезете на вечера само вие двајца. Така ќе се тргнете од монотонијата и ќе си дадете можност повторно да се разгори романсата помеѓу вас.
- Бидете трпеливи и знајте дека ова е само минлива фаза.