Овулација - знаци и симптоми на овулација и плодни денови

овулација

 

Следење на знаците (симптомите) на овулација и одредување на плодните денови

Многу е важно да се разбере процесот на овулација затоа што тоа се вашите плодни денови во месецот. (Повеќе за овулацијата можете да прочитате на следниот линк: Што е овулација). Можете да останете бремени ако имате сексуални односи 2-3 дена пред овулацијата или пак во следните 12-24 часа после прскањето на јајце клетката. Следењето на знаците / симптомите на овулација практично може да ви помогне да си ги зголемите шансите за забременување, доколку планирате бременост, а исто така може да ви помогне и при изборот на контрацепција.

Одредување на овулација и плодни денови според траењето на лутеалната фаза

Ако од должината на траењето на вашиот месечен циклус одземете 14 дена (односно должината на Вашата лутеална фаза) приближно ќе можете да го одредите времето на вашите плодни денови.

На пример: кај жени со циклус од 28 дена, овулацијата веројатно е на 14 ден, кај жени со циклус од 30 дена, веројатно ќе биде на 16 ден. Но имајте в предвид дека должината на лутеалната фаза може да варира кај различни жени и се движи најчесто од 12-16 дена. За овакво сметање мора да знаете колку трае вашиот циклус. На овој принцип работат и калкулаторите за пресметување на плодните денови. Ако немате редовен циклус, тоагаш оваа метода нема да биде од полза за Вас.

Одредување на овулација и плодни денови според промената на вагиналната слуз

овулација и плодна слуз

Откако ќе заврши вашата менструација, следните денови најчесто се најсуви. Потоа следува период кога вагиналниот исцедок е леплив и постепено се зголемува неговата количина.Како што се приближува овулацијата, исцедокот станува: се пообилен, порастеглив, прозирен. Неговиот изглед може да се спореди со изглед на белка од јајце. Кога ќе го ставите меѓу прстите се развлекува (како прикажаното на фотографијата). Овој исцедок е познат како плодна слуз

Кога исцедокот ќе стане растеглив и прозирен, тоа се вашите најплодни денови. Таквиот исцедок претставува пријателска средина за сперматозоидите и им помага да навлезат преку грлото на матката до јајцеводите, каде ќе ја оплодат јајце клетката. Откако ќе помине овулацијата, вагиналната слуз повторнo станува густа и нерастеглива. Деновите пред наредната менструацина обично повторно се суви.

Одредување на овулација според покачувањето на базалната телесна температура

По случувањето на овулацијата, базалната телесна температура прави скок за 0.2-0.6 степени целзиусови, како резултат на делувањето на прогестеронот, кој почнува да се лачи од жолтото тело. Најчесто откако ќе се покачи температурата веќе е касно за оплодување, затоа што треба 1-2 дена за да се створи доволно прогестерон, за да се покачи температурата. Најплодниот период е 2-3 дена пред температурниот скок. Повеќе за начинот на мерењето на базалната температура можете да прочитатe тука.

Недостаток на овој метод е што овулацијата не може да се предвиди однапред, туку се детектира дури по нејзиното случување. Сепак ако мерите во текот на неколку месеци, ќе можете да увидите некој шаблон за вашите плодни денови и колкаво е траењето на вашата лутеална фаза.

Одредување на овулација и плодни денови според симптомите и чувствата во долниот дел на стомакот

Овулацијата може да има повеќе симптоми и некои жени физички можат да ја почуствуваат. Некои ја чувствуваат како болка во пределот на едниот јајник.Понекогаш тоа е левиот, а понекогаш десниот јајник, зависно од тоа на кој јајник се наоѓа водечкиот фоликул. Некои жени пак ја чувствуваат како болка во долниот дел на стомакот. Ова се индивидуални работи и се различни кај различни жени. Ако обратите внимание на она што се случува во вашето тело, ке можете да приметите кои се вашите симптоми на овулацијата.

Одредување на овулација и плодни денови со тестови за овулација

Овие тестови работат на тој принцип што го детектираат зголеменото количество на лутеинизирачкиот хормон (LH), кое се јавува околу 36 часа пред овулацијата. Овие тестови се слични на тестовите за бременост. Имаат форма на лента и се потопуваат во урина. Резултатот може да се прочита за неколку минути.

Иако не се 100% сигурни, сепак со голема сигурност однапред можат да го покажат случувањето на овулацијата.

Доколку искомбинирате неколку од методите за следење на овулацијата, има голема веројатност дека ќе научите да ја распознавате сами.