Бледа втора линија на тестот за бременост

Бледата втора црта на тестовите за бременост често пати е многу фрустрирачка за жената која го прави тестот. Иако бледата линија може да се смета за позитивен тест, сепак понекогаш може да биде така наречена евапорациска линија и да доведе до лажен позитивен резултат.

Кај повеќето тестови има 2 црти. Првата црта добива црвена боја кога хемикалиите во тестот реагираат со молекули во урината и таа покажува дали тестот е исправен. Втората црта пак се обојува црвено кога реагира со хормонот на бременост - hCG (human chorionic gonadotropin) и покажува дека постои бременост.


Причини за бледа втора линија на тестот


Може да има неколку причини за бледа втора црта на тестот за бременост. Еве неколку:


1 . Неправилна употреба на тестот

Многу важно е да ги следите инструкциите за правење на тестот правилно и да го читате тестот во определените временски граници. Постојат 2 типа на теста: едните се во форма на лента, врз која треба да се уринира, а кај вторите се уринира во чист, сув сад и со пипета се капнува врз тестот. На упатството ќе пишува и за колку време треба да добиете релевантни резултати, обично тоа е 5-10 минути. Ако го читате тестот порано или подоцна од времето што е означено на уптството може да се појави евапорациска црта и да се помеша со втората црта која покажува позитивен тест. Евапорациската линија може да личи на бледа втора црта и позитивен тест, но всушност настанува заради испарувањето на урината од тестот (најчесто е со бледа боја).

2. Тестот е направен премногу рано

Тестот за бременост го детектира трудничкиот хормон - hCG, но за да може да го детектира треба да го има во доволна количина, а за тоа е потребно да помине извесно време од зачнувањето. Важно е да знаете колку е чувствителен конкретниот тест кој го имате, бидејки различни тестови се со различна чувствителност и некои тестови ќе ја детектираат бременоста порано.

3. Евапорациска линија

Евапорациските линии обично се јавуваат кога тестот се чита после одреденото време на упатството и можат погрешно да се протолкуваат како позитивен тест - а всушност се работи за остатоци кои остануваат по испарувањето на урината. Затоа е многу важно да го читате тестот во определениот временски рок.

4. Позитивен тест

Ако добиете бледа втора црта, тоа може да значи позитивен тест, ако правилно сте ги следеле упатствата. Важно е да го повторите тестот наутро, со првата урина - кога хормонот на бременост е поконцентриран за да се осигурате во позитивниот резултат. Тогаш ќе треба да добиете потемна црта.

5. Разредена урина

Како што спомнавме и претходно, најдобро време за тестирање е наутро, кога хормонот на бременост е најконцентриран во урината. Кога пиете вода, урината се разредува, а со тоа и концентрацијата на хормонот на бременост е помала и може да се види само бледа црта.

6. Хемиска бременост

Хемиска бременост значи дека се случило оплодување и имплантација, но бременоста завршила премногу рано. Најголемиот број хемиски бремености завршуваат уште пред жената да биде свесна дека дошло до бременост.


Што да направите ако видите бледа втора црта на тестот за бременост?


Најдобро е да го повторите тестот. Можете да пробате со друг вид на тест, со поголема чувствителност. А можете и да побарате од вашиот гинеколог да ви биде направен тест преку крв.