Хигиена на запчињата
Кога да се започне со негата на непцата и забите?
Често поставувано е прашањето кога да се започне со нега на непцата и забите кај бебето, одговорот е колку порано толку подобро.
Добро е да почнете нежно да ги пребришувате непцата на бебето уште пред да се појават првите запчиња. За таа цел можете да натопите со вода парче газа или памучна ткаенина, да ја замотате околу вашиот показалец и со неа да поминете преку непцата на бебето. Забите можат да почнат да се расипуваат веднаш штом ќе се појават, а расипувањето може да доведе до нивно предвремено опаѓање.
Кога ќе се појават првите запчиња можете да продолжите да ги бришете со навлажнета газа или пак да набавите специјална четка за соодветната возраст со многу нежни и меки влакна. Доколку чистењето на запчињата го правите два пати во текот на денот, нема никаква потреба од паста за заби. Само нежно со четката поминете преку запчињата од внатрешната и надворешната страна. Доколку можете поминете и преку јазикот на детето за да ги отстраните насобраните бактерии на него. Бактериите кои се наоѓаат на јазикот, предизвикуваат појава на лош здив.
Паста за заби можете да почнете да користите кога детето ќе наполни 2 години, но треба да внимавате на тоа да не содржи флуор и да биде наменета за мали деца. На четката нанесете само мала количина од пастата и имајте впредвид дека детето треба постојано да го набјудувате за да се осигурате дека ја исплукало целата паста.
Совети за здрави заби
- Доколку вашето дете заспива со шише, во шишето нека има само вода. Соковите, млекото и вештачите формули содржат шеќери, кои пак кога се задржуваат на забите можат да доведат до појава на кариес.
- Избегнувајте да му давате на детето многу слатки, бонбони и сл. Овошјето и зеленчукот се многу похранливи и се поздрава алтернатива.
- Доколку на бебето му давате цуцла, немојте да ја потопувате во мед, шербет и сл. Тоа ќе доведе до задржување на шеќерот на забите, а со тоа и до полесно расипување.
- Бидете упорни во обидот да го научите вашето дете дека чистењето на забите е многу важна работа. Сепак имајте впредвид дека иако можеби самото ќе сака да ги мие забите, нема да биде многу вешто. Затоа по неговиот обид да ги измие, вие направете го тоа уште еднаш, секогаш внимавајки дека ја исплукало целата паста.