Проблеми при доењето
Најчесто на почетокот на доењето може да се сретнете и со некои проблеми. Повеќето од нив ќе се избегнат или решат со правилна техника на доење. Еве ги најчестите проблеми:
Болни брадавици
Се јавува обично на почетокот на доењето, додека мајката и бебето не пронајдат удобна положба или додека не научат како бебето правилно да цица од градата. Откако ќе научат, доењето треба да стане удобно и безболно.
Болните брадавици се толку чести, што се сметаат за нормална појава, но не е така. Нормално е да се појави болка која трае во првите неколку секунди од доењето. Не е нормална болка, која трае подолго време или во текот на целото доење. Болката и раните можат да се појавават ако:
Бебето ја цица само брадавицата. Кога ќе приметите такво нешто, нежно ставете го чистиот прст на аголот на неговата уста, за да пушти и обидете се повторно. Внимавајте бебето да не ја фаќа само брадавицата, туку што повеќе од градата. За да му помогнете на бебето правилно да ја фати градата, допрете го со брадавицата помеѓу горната усна и носот, за широко да ја отвори устата. Придржувајки му ја главата ставете ја градата во неговата уста, почнувајки од долната усна, кон горната. Кога ќе излезе од устата на бебето, брадавицата не треба да биде сплескана или рамна, туку треба да биде округла и издолжена или со иста форма како и пред цицањето. Ако го доите бебето правилно, цицањето треба да биде безболно, без разлика колку време бебето ќе сака да цица.
Кандида. Во тој случај брадавицата е црвена и чувствувате како да гори. Во устата на бебето, на јазикот и непцата може да приметите бели точки. Ако се сомневате дека имате кандида, консултирајте се со Вашиот лекар.
Ако бебето цело време го држите на градата. Кога ќе видите дека бебето веќе не цица активно или паузите помеѓу 2 голтања стануваат се поголеми, тргнете го од градата и ставете го на другата. Ако дозволите бебето постојано да биде на вашите гради, на брадавиците може да се појават мали пликови, кои кога ќе пукнат може и да крварат. Сепак кога тие ранички ќе се исушат, ќе ги снема.
Ако бебето има т.н. врзан јазик. Ова е многу ретка појава. Понекогаш може да има тенка кожичка, која не му дозволува на јазикот слободно да се движи, туку го држи на дното на устата. Во тој случај јазикот не може да го покрие долното непце и мајката има чувство дека бебето ја гризе, додека го дои. Проблемот се решава многу лесно. Лекарот ја пресекува таа кожичка, а самата постапката е речиси безболна за бебето.
Понекогаш иако многу ретко, може да има и други причини за болни брадавици. Во секој случај ако болката потрае, побарајте стручна помош.
Совет:
- Не ги одолговлекувајте подоите и обидете се да се опуштите. На тој начин млекото ќе тече полесно. Можете прво со раката да истиснете мала количина млеко, за бебето да не влече многу силно, во очекување да стаса млекото.
- Не се обидувајте да ја ставите градата во устата на бебето. Наместо тоа чекајте прво тоа убаво да ја отвори устата и нежно привлечете го со устата кон градата.
- Не дозволувајте да ја цица само брадавицата.
- Поставете го телото на бебето да биде свртено кон Вас, за да не мора да ја врти главата, за да ја фати градата и да цица.
- Најдете удобна положба и за Вас и за бебето. Ако Ви е полесно седете на стол или фотеља, додека го доите. Можете да се обидете да подметнете перница под бебето и на неа да се потпирате. Пробајте различни положби и обидете се да најдете онаа која на Вам двајцата Ви одговара.
- Потпирајте ја градата со Вашата слободна рака. Ако бебето се плаши дека градата може да му излезе од устата, може да почне да ја држи прмногу цврсто.
- Ако имате болка во брадавиците, обидете се да ја менувате положбата во која ќе го доите бебето, на тој начин притисокот нема секогаш да биде на истото место.
- Никогаш не ја истегнувајте градата од устата на бебето. Наместо тоа нежно ставете го прстот на аголот од неговата уста. На тој начин бебето самото ќе ја пушти градата.
- Не дозволувајте бебето да почне да плаче од глад. Почнете да го доите на првите знаци на глад. Така нема влече толку силно.
- Почнете да го доите прво од таа града што помалку Ве боли.
- Откако ќе завршите со доењето истиснете малку млеко и со него намачкајте ги брадавиците. Млекото ќе помогне да зараснат раните.
- По доењето оставете брадавиците да се исушат на воздух.
- Избегнувајте тесни градници или тесна облека, како и синтетика.
- Не дозволувајте долго време да ви биде влажен градникот или ставајте парчиња газа кои ќе ги менувате поначесто. Влагата го спречува зацелувањето.
- После доењето, можете да ги намачкате ги брадавиците со медицински ланолин.
- Одмарајте, јадете здрава храна и пијте доста течности.
- Доколку наеднаш се јави болка во брадавиците, после неколку недели безболно доење, можеби се работи за кандида, консултирајте се со Вашиот лекар.
Ако болката е толку силна, што стравувате да ја ставите градата во устата на бебето, можете да направите пауза од 12-24 часа од доењето. За тоа време користете пумпа и повторно давајте му го млекото на бебето. Внимавајте пумпата да не ја ставите веднаш на голема сила, туку почнете со најмала. Пред да ја ставите пумпата, можете да ги намачкате брадавиците со маслинов зејтин. Внимавајте да одберете вид на пумпа и големина што одговара за Вашите гради. Ако е премногу мал делот за брадавицата, можете дополнително да ја влошите ситуацијата.
Доколку Вашите брадавици не зацелуваат и се испукани и покрај правилното доење, консултирајте се со Вашиот лекар. Можеби имате некоја инфекција.
Отекување на градите - преполнетост
Кога ќе почне да се произведува поголемо количество млеко, нормално е градите да станат поголеми, потешки и малку болни. Ова обично се случува од 2 до 6 ден после породувањето. Градите може да отечат, да станат многу тврди, со грутки и болни. Може да се јави и црвенило, жештина, пулсирање и вовлекување на брадавиците, како и да дојде до благо покачување на температурата кај мајката.
Отекувањето се јавува заради тоа што (обично во првите 72 часа по породувањето) надоаѓа голема количина на млеко. Toa се успорува циркулацијата, па дел од лимфата може да се излее во ткивото во градите. Понекогаш отокот може да се протега се до под мишките. Не мора да се јави кај сите жени, но се случува многу често.
Градите може да отечат и заради:
- Лоша техника на доење, односно ако бебето не ја има правилно фатено градата.
- При нередовно доење.
- Давање на дополнителна храна како: вештачко млеко, сокови и сл.
- Ако се смени ритамот на цицање на бебето, нпр. ако почесто почне да цица дење, отколку ноќе.
- Ако бебето не може да шмука доволно силно.
- Исрпеност, стрес или анемија кај мајката.
Отекувањето на градите може да доведе до затнување на млечните канали, па затоа е многу важно навреме да се спречи тоа. Ако правилно се третира, отекувањето обично поминува за 24-48 часа. Потоа градите пак ќе бидат полни со млеко, но помеки во спореба со претходно.
Немојте да прекратите со доењето кога градите се отечени, затоа што тоа може да доведе до трајно намалување на млекото.
Совет:
Важно е да разберете дека тоа е позитивен знак, имате млеко со кое ќе го храните Вашето бебе. Немојте да се обесхрабрувате. За кратко време Вашето тело ќе се усклади со Вашето бебе и ќе произведува толку млеко колку што му е потребно на бебето.
- Внимавајте доењето да биде правилно. Бебето да ја има фатено, не само брадавицата, туку и ареолата (темниот круг околу неа).
- Носете градник кој им дава добра потпора на градите, дури и во текот на ноќта, но внимавајте да не Ве притиска.
- Дозволете бебето да цица се додека тоа сака, односно додека гледате дека активно смука. Особено во првите денови, дојте го бебето често, барем на секои 2-3 часа. Во првите неколку недели, доколку бебето спие 4 часа, разбудете го за да го надоите. Дојте го од едната града се додека не приметите дека омекнала, потоа префрлете го на другата. Ако бебето се нахранило од едната града, на следното доење ставете го на другата. Немојте да правите големи паузи меѓу 2 доења, затоа што така може драстично да се намали количината на млеко.
- Избегнувајте сами да го издојувате млекото, освен за да ја омекнете ареолата. Ако претерувате, може да предизвикате преголемо создавање на млеко и да ја продолжите отеченоста на градите.
- Додека бебето цица, нежно масирајте ја градата. На тој начин ќе помогнете млекото слободно да истекува.
- Ако едната страна е поотечена, можете почесто да го доите на таа страна.
- Избегнувајте дополнителна храна за бебето.
- Ако темниот круг околу брадавицата (ареолата) е тврд, можете да истиснете малку млеко, за да ја омекнете пред доењето. На тој начин може да спречите да дојде до повреди на брадавицата.
- Можете да се обидете со ставање на ладни облоги, помеѓу две доења. Можете да се обидете и со издробен мраз во најлонско кесе.
- Немојте да ставате топли облоги, тоа уште повеќе може да го влоши проблемот.
- На некои жени им помагаат облоги од лист од зелка. Направете дупка на листот, за низ неа да излегува брадавицата. Измијте го листот и исушете го пред да го ставите во градникот. Кога ќе овене листот, заменете го со свеж.
- Ако тргнувате на работа, обидете се да се одмолзете во време кога бебето би цицало.
Затнување на млечните канали
Затнувањето на млечните канали е честа појава. Се манифестира како болни грутки во градите и не е пропратнено со покачена температура. Најчесто се јавува само во едната града.
Совет:
- Помага ако се стават топли облоги. За затнати млечни канали не употребувајте листови од зелка.
- Може да помогне масажа. Масирајте се со кружни движења, почнувајки од над болното место, кон брадавицата.
- Често дојте од болната страна (на секои 2 часа). На тој начин може да се одстрани запушувањето.
- Приуштете си дополнителен одмор, така зацелувањето ќе биде полесно. Често пати затнат млечен канал или воспаление на градите е знак дека на мајката и е потребно повеќе одмор.
- Немојте да носите тесен градник, тоа може да ги стисне млечните канали.
Воспаление на градите - маститис
Маститисот е воспаление на градите, предизвикано од микроорганизми.
Се манифестира со симптоми слични на оние на грипот. Може да биде пропратен со: болка во градата, црвенило, тврдост на градата, жештина, отеченост на воспалениот млечен канал, температура, кај некои жени се јавува гадење и повраќање. Понекогаш може да се примети жолт исцедок од брадавицата (сличен на колострумот).
Како и затнувањето на млечните канали, обично се јавува само на едната града.
Најчесто е предизвикан од бактерии кои се пренесуваат од устата на бебето, преку пункатините на брадавиците. Но може да се јави и заради нецелосно испразнување на градите при доењето, неправилно доење или намален имунитет.
Може да се јави не само кај мајки кои дојат, туку и кај оние кои не ги дојат своите бебиња. Најчесто се јавува помеѓу 10 и 30-от ден од породувањето, но може и порано или покасно.
Совет:
Дојте го бебето што почесто. Со тоа ќе овозможите инфекцијата да се исчисти што побрзо. Не се плашете дека тоа ќе му наштети на бебето, напротив веројатноста е дека тие бактерии секако дошле преку неговата уста.
Доењето за време на маститисот, може да биде екстремно болно, но не треба да се откажете. Тоа само само би ја влошило целата ситуацијат. Ако не можете да ја поднесете болката, обидете се со пумпа, па дајте му го млекото на бебето од шише.
Ставајте топли облоги.
Ако маститисот не се повлече за 12-24 часа, задолжително побарајте лекарска помош. Најверојатно ќе Ви биде препишана антибиотска терапија и средства против болка. Не одолговлекувајте. Ако маститисот навреме се дијагностицира и лекува, нема да помине многу време пред да исчезне. Во спротивно може да дојде до компликации, загнојување на местото и потреба од оперативен зафат.
Пијте ги препишаните антибиотици и откако ќе дојде до подобрување. Така ќе го спречите враќањето на нецелосно излечената инфекција.
За да ги намалите шансите да добиете маститис потребно е да си овозможите колку можете повеќе одмор, да внимавате да имате балансирана исхрана, колку може повеќе да избегнувате стрес, односно да не дозволите да Ви опадне имунитетот. Многу мајки добиваат маститис, заради заборавањето да се грижат за себе.
Кандида
На брадавиците понекогаш може да се јави и кандида. Ова се случува затоа што некои габи се хранат со млеко.
Кандидата вообичаено е присутна во човечкото тело, но корисните бактерии ја држат под контрола. Кога природната рамнотежа на овие бактерии ќе се поремети, доаѓа до прекумерно размножување на Кандидата и инфекција во организмот.
Главниот знак дека се работи за оваа инфекција е кога брадавиците продолжуваат да болат и да се разранети во текот на повеќе денови, иако правилно го држите и доите бебето или пак одеднаш се јавува болка во брадавиците, после неколку недели на безболно доење. Други знаци може да бидат: напукнати, розови, сјајни брадавици, или темно розови брадавици со мали пликови.
Кандидата понекогаш може да се јави ако внесувате преголемо количество на шеќер со исхраната, антибиотици, ако имате анемија, дијабетес, намален имунитет, предолго задржување на влага на кожата и т.н.
Кај бебето оваа инфекција се јавува во вид на бели точки на јазикот, устата, непцата и внатрешноста на образите. Често пати таквите бебиња не сакаат да цицаат, имаат гасови и се плачливи.
Кандидата кај бебето може да се јави и како осип под пелените (мали црвени точки), кои не исчезнуваат и покрај мачкањето со вообичаените средства, со кои го мачкате бебето.