Доените бебиња знаат кога им е доста

Со студијата предводена од Dr. Ruowei Li од Центарот за Контрола и Превенција на Заболувањата на САД можеби е откриена тајната зошто доените бебиња се помалку склони кон дебелина покасно во животот. Dr. Ruowei Li вели дека колку повеќе децата се хранети од шише толку посклони ќе бидат и покасно во детството да го испразнуваат шишето со млеко.

Превенцијата на дебелината мора да започне уште во детството. Многу студии покажаа дека рапидниот раст и качување на тежина кај децата има ефект покасно. Затоа детството е исклучително важен период кој игра улога во саморегулацијата.

Во студијата учествувале 1250 бебиња. Кога бебињата имале 6-12 месеци од нивните мајки било побарано да кажат колку често нивните бебиња го испразнуваат шишето со млеко. Кај бебињата кои биле ексклузивно доени до 6 месечна возраст овој процент бил 27%, а кај они кои биле хранети со вештачки формули на млеко, процентот на испразнување на целото шише бил 66%.

Dr. Ruowei Li вели дека може да има неколку причини за ова. Една од основните работи е што доењето е диригирано од бебето, додека хранењето од шише е диригирано од мајката и може да води до прејадување. Друга претпоставка е дека бидејки квалитетот на млекото на мајката се менува во текот на едно доење и содржината на маснотии е многу повисока при крај на доењето, тоа на бебето можеби му сигнализира дека е време да престане со цицање.  

Друг фактор можеби е тоа што кај доењето бебето не прима млеко цело време. Бебето може да смука неколку минути пред да почне да надоаѓа млекото, а кај хранењето од шише нема таква пауза.

Dr. Deborah Campbell од Одделот за Неонатологија на Детската Болница во Њу Јорк вели дека ова само ја нагласува важноста на доењето и дека доењето треба да биде прв избор. Но дури и ако мајката не го дои бебето многу важно е да научи да ги препознава знаците кога бебето дека е најадено. Кога бебето се храни од шише му се ускратува можноста за саморегулација на примањето на храна.

Кога бебето се храни и кога му е доволно, тоа ја врти главата или го вади јазикот надвор, и ова значи дека бебето примило доволно храна и не инсистирајте да јаде повеќе.

Некои родители се загрижени дека ако бебето не се најаде потполно, брзо ќе се разбуди и ќе бара повторно да јаде. Dr. Campbell вели дека тоа е сосема можно, но сепак треба да се почитуваат знаците кои ги дава. Внимавајте на знаците кои ги дава бебето и избегнувајте да се прејадува. Бебињата се родени со способност за саморегулација на примањето на млеко.