Препораки за успешно доење
Препораки за успешно доење
Доењето е нешто најприродно на светот, но сепак тоа не значи дека е однапред научено. Препорачливо е жената да научи за правилната техника на доење, уште во текот на бременоста. Така ќе бидете спремни и сигурно дека ќе избегнете многу непотребни проблеми при доењето.
- Почнете со доење веднаш штом бебето ќе се роди. Иако во почетокот можеби нема да имате млеко, од градите се лачи жолтеникава течност т.н. колострум, кој има многу важна улога за здравјето на вашето бебе. Бебето кога ќе се роди веќе знае да цица и самото да ја најде градата.
- Доењето можеби ќе трае и по 40 мин. Затоа пронајдете удобна положба. За многу жени најудобно е да седат во исправена положба. Можете да поставите една перница, зад Вашата половина, една перница во скутот – на која ќе биде потпрено бебето и уште една врз неа – на која ке биде потрпрена вашата рака со која го држите бебето. Најлесно ќе Ви биде, ако бебето е во висина на Вашите гради. Затоа подметнете перници или нешто слично и немојте да се обидувате да го држите бебето во воздух, додека трае доењето.
- Експериментирајте со положбите за време на доењето и одберете ја онаа, која е најудобна за вас двајцата.
- Кога го доите бебето внимавајте да е поставено во правилна положба: устата на бебето треба да биде широко отворена, а брадавицата да влезе што е можно подлабоко во устата. Во устата на бебето треба да влезе што поголем дел од градата. Внимавајте бебето да не ја цица само брадавицата туку и араолата (темниот круг околу брадавицата). Неправилното доење може да предизвика разранување и пукање на брадавиците, а бебето нема да може да прими доволно млеко.
- Дојте го бебето секогаш кога ќе побара. Новороденчињата имаат потреба од многу често доење. Барем на секои два часа и тоа не според некој однапред определен распоред. Новороденчињата имаат многу мал желудник, затоа и имаат потреба од почести оброци. Имајте впредвид дека во споредба вештачкото, мајчиното млеко полесно се обработува во желудникот, па затоа бебињата хранети со вештачко млеко бараат помалку оброци. Ако Вашето бебе спие и не побарало да цица цели 4 часа, разбудете го за да го надоите.
- Не се потребни никакви додатоци во исхраната на бебето. Не треба да додавате вештачко млеко, ниту пак вода. Се што му е потребно на бебето се наоѓа во Вашето млеко. Ако му давате додатоци може да му се намали желбата за цицање, а со тоа ќе се намали и производството на млеко во Вашите гради. Колку повеќе го доите бебето, толку повеќе ќе се создава млеко.
- Оставајте ги брадавиците да се исушат на воздух. Правете го ова барем на почетокот додека да отврднат. Тоа ќе го спречи нивното пукање. Ако сепак дојде до пукање на брадавиците, намачкајте ги со млеко, за да им помогнете да заздрават.Исто можете да ги намачкате со масло, кое содржи Е витамин или ланолин маст, но се случува некои бебиња да бидат алергични на овие материи. Правилното поставување на градата во устата на бебето, ќе спречи многу проблеми со разранување на брадавиците.
- Внимавајте да не дојде до вопаление на градите, односно маститис. Симптомите на маститис се: треска, болни грутки во градите и црвенило. Ако приметите овакви симптоми, веднаш побарајте лекарска помош.
- Градите може да отечат. Кај новата мајка обично се произведува многу млеко, па во првите денови после породувањето градите може да бидат големи, тврди и болни. За да си олесните, ставајте го бебето да цица секогаш кога ќе посака. На тој начин Вашето тело ќе се приспособи кон неговите потреби и ќе произведува само онолку млеко колку што е потребно. Во меѓувреме мајката може да си ја олесни болката со ставање топли облоги или со топла бања.
- Хранете се здраво и пијте многу течности. Приуштете си доволно одмор. Тоа ќе Ви помогне да избегнете можно воспаление на градите.
- Имајте трпение, доењето се усовршува со пракса. Наскоро Вие и Вашето бебе ќе бидете совршено уигран пар.
Можни проблеми при доење
Во првите недели доењето може да биде болно. Можно е да дојде до разранување на брадавиците, отекување на градите, затнување на млечните канали, а тоа може да доведе до маститис – болно воспаление на градите.
Повеќето од овие проблеми може да се избегнат или решат со правилна техника на доење или користење на домашни средства. Сепак во случај на маститис побарајте лекарска помош.