Високото ниво на стрес може да го одложи забременувањето
Здравите жени кои се обидуваат да зачнат можат да си ги намалат шансите да се случи тоа ако се под стрес. Ова е заклучокот од една студија на истражувачи од Универзитетот Оксфорд и Националниот Институт за Здравство на САД.
Студијата обезбеди за прв пат докази за поврзаноста помеѓу високите нивоа на биолошкиот маркер за стрес и намалените шанси за зачнување за време на плодните денови од циклусот кај жената. Биле следени 274 здрави жени на возраст од 18-40 години кои планирале да забременат. Се покажало дека високото ниво на маркер за стрес ги намалувало шансите за зачнување во текот на плодните денови во тој месец.
Студијата сугерира дека паровите кои се обидуваат да зачнат треба да се обидат да останат што поопуштени. Досега од искуство се претпоставуваше дека стресот негативно влијае врз зачнувањето, но сега се обезбедени и научни докази.
И досега беше познато дека возраста на жената, пушењето, дебелината и алкохолот можат негативно да влијаат врз забременувањето. Затоа на жените кои сакаат да забременат им се советува да престанат со пушењето, да го намалат алкохохолот, да воведат здрава исхрана и да почнат да земаат фолна киселина.
Dr Pyper - еден од водачите на студијата, вели дека студијата ќе им помогне на лекарите да им даваат попрецизни совети на двојките кои сакаат брменост и да ги предупредат за последиците од евентуалниот стрес.
За целта на студијата бил земан примерок плунка на жените на шестиот ден од секој менструален циклус, со цел да се измери нивото на хормонот кортизол и алфа-амилаза (индикатор за нивото на адреналин). Телото реагира на стрес со ослободување на адреналин и кортизол. Адреналинот е поврзан со рефлексот на борба-бекство кој се јавува непосредно во стресната ситуација, а кортизолот е поврзан со периоди на подолг стес.
Резултатите покажале дека жените со највисоко ниво на алфа-амилаза имале 12% помали шанси за забременување во споредба со жените со најмало ниво на алфа-амилаза. Кортизолот пак не направил никаква разлика во забременувањето.
Dr Germaine Buck Louis - еден од водачите на студијата вели дека е потребно да се направаат дополнителни испитувања за да се утврди големината на ефектот на стресот, дали понатаму стресот заради одложеното забременување ќе предизвика зголемен стрес и понатамошно намалување на шансите, како и поврзаноста со другите фактори како пушењето, алкохолот и сл.

