Фолна киселина

ВАЖНОСТ НА ФОЛНАTA КИСЕЛИНА

Фолната киселина е синтетичка форма на Б-9 витаминот, кој спаѓа во групата на Б витамини. Фолатите  се од огромно значење за организмот, затоа што учествуваат во многу метаболички процеси и се неопходни за здравјето на секој човек. Фолатите учествуваат во синтезата на нуклеинските киселини (ДНК и РНК), крвните клетки, детоксификација на организмот итн.

Фолатите се наоѓаат во многу растенија во природата: леќа, шпаргла, спанаќ, марула и друг лиснат зеленчук, кикирики, сок од портокал, броколи итн

Сепак често пати количеството на фолати, кое се внесува преку храната не е доволно. Од таа причина се препорачува нивно доплонително земање во бременоста.

 

Важноста на фолатите во бременоста

 

Земањето на оптимална количина на фолати е особено големо кај жените во текот на бременоста. Фолатите имаат огромна улога за правилен развој на бебето. Учествуваат во формирањето на неуралната туба, од која се развиваат мозокот, рбетниот мозок и рбетниот столб на бебето. Развојот на неуралната туба се одвива во самиот почеток на бременоста и завршува околу 28-от ден по зчнувањето. Тогаш доаѓа до нејзино затворање. Ако не се затвори добро, се јавуваат дефекти како спина бифида и анцефалија.

Со превентивното земање на фолна киселина пред или во почетокот на бременоста, можно е да се избегнат до 70% од дефектите на неуралната туба кај бебињата.

Според некои испитувања жените кои земале фолна киселина 1 година пред зачнувањето имале намален ризик од прерано породување. Според други испитувања фолната кислеина го намалува и ризикот од појава на зајачка уста, расцепено непце и дефекти на срцето кај бебето.

Ппрепораки за земање на фолна киселина

Бидејки формирањето на неуралната туба се одвива толку рано, пожелно е жената да почне со земање на фолна кислина во вид на препарат 3 месеци пред зачнувањето.

Доколку не почнала тогаш, препорачливо е да почне да ја зема од моментот кога ќе дознае дека е бремена, па се до некаде дванаесеттата седмица од бременоста.

Препорачаната дополнителна доза за бремени жени или жени кои планираат бременост е 0,4 милиграми дневно.

 

Нови истражувања на фолатите и фолната киселина

 

Организмот не може да ја користи директно фолната киселина (која е синтетичка форма и како таква природно не се среќава во органзмот), туку е потребно таа прво да се трансформира во природна форма на фолати - искористиливи за телото. Новите истражувања покажуваат дека кај голем број луѓе има мутација на MTHFR генот и тие не можат правилно да ја искористуваат фолната киселина, затоа што кај нив овој процес на нејзино трансформирање е нарушен.

Многу луѓе мислат дека кога земаат витамини растворливи во вода, вишокот едноставно се исфрла од организмот преку урината. Но, ова не важи за фолната киселина кај луѓето со мутација на MTHFR генот. Напротив, фолната киселина се поврзува за рецепторите за фолати и така го зафаќа просторот каде што треба да се поврзат природните фолати, што автоматски доведува до нивен недостаток. Значи со земање на фолна киселина, луѓето со мутација на MTHFR (за нив таа е неискористлива форма) можат уште повеќе да ги намалат достапните фолати за организмот. А недостатокот на фолати може да предизвика: спонтан абортус, дефект на неуралната туба, анцефалија, хипотироидизам, анксиозност, анемија итн.

Оние луѓе што ја немаат оваа мутација можат да користат и фолна киселина, бидејки нивниот организам е способен да ја трасформира во усвојлива форма.

Ако имате MTHFR мутација разговарајте со вашиот лекар за суплементирање со природни фолати или метил фолат - кои се многу полесно достапни за организмот.

Постојат научни студии, кои земањето на големи дози на синтетичка фолна киселина го поврзуваат со зголемен ризик од рак на дојка кај жените, рак на простата кај мажите и респираторни проблеми кај децата.