Тесто за отпечаток на бебешки стопала
Овој рецепт ќе ви овозможи да направите меко тесто со кое ќе добиете убав спомен од бебешките стопала. Доколку отпечатокот не ви излезе како што сакате, тестото секогаш можете да го премесите и да се обидете одново. Отпечатоците можат да бидат и одличен подарок за баба и дедо.
Состојки:
1/2 чаша брашно
1/2 чаша сол
1/4 чаша топла вода
боја за храна по желба
машна, која ќе служи за закачување на отпечатокот
Изработка:
- Помешајте ги брашното и солта, па додадете ја водата. Доколку имате желба во тестото можете да додадете прехрамбена боја.
- Ако тестото ви испаднало премногу суво додадете малку вода, ако пак е многу лепливо додадете брашно.
- Добро измесете го и расукајте го со дебелина од отприлика 2 см.
- Обликувајте го според вашата желба и направете отпечаток од нозете на бебето, но тука ќе ви требаат уште еден пар раце кои ќе го држат.
- Откако ќе направите отпечаток, со остар предмет направете и дупка на отпечатокот, низ која ќе може да се стави машната за закачување.
- Ставете го отпечатокот на тепсија и нека се пече во рерна на 100 степени целзиусови, околу 3-4 часа.
- Кога тестото ќе биде испечено, можете да го насликате со прехрамбена боја и да ја ставите машната со која убавиот спомен ќе може да се закачи на зид.