Храна за повеќе млеко, како да го зголемите млекото преку исхрана
Најдобар начин за да добиете повеќе млеко е да доите, доите и доите. Кога бебето цица, тоа ја стимулира мајката да произведува уште повеќе млеко. Телото на жената е соврешно створено за доење на нејзиното малечко. Се работи за систем на побарувачка и понуда. Колку е поголема побарувачката, толку ќе биде засилено и производството на млеко. На следниот линк можете да прочитате како да ја подобрите својата лактација. Ако сметате дека сепак ви е потребно повеќе млеко, обидете се во вашата исхрана да внесете повеќе од следните видови храна, која може да ја засили лактацијата:
Овес
Некои луѓе мислат дека се работи за бабини приказни, но овесот навистина може да помогне да се зголеми количеството на млеко. Сапонините кои ги содржи овесот имаат антибиотско и противинфламаторно дејство и го подржуваат имунолошкиот систем. Но, исто така имаат уште едно скапоцено својство, влиаат врз хормоните кои се заслужни за производство на млеко.
Пивски квасец
Многу мајки слушнале дека едно шише пиво може да го зголеми производството на млеко. Но, алкохолот и доењето не одат заедно, а и нема потреба од пиво, можете да земете пивски квасец. Пивскиот квасец содржи фитоестрогени, кои можат да го зголемат количеството млеко за доење. Исто така, пивскиот квасец е богат со протеини, железо, Б витамини итн.
Луцерка
Луцерката има естрогенско дејство, а го зголемува и количеството на млеко. Можете да направите никулци од луцерка, да ставите семе од луцерка во салатите или пак да ја земате во форма на прашок или капсули. Заради богатството со витамини и минерали, во арапскиот свет луцерката е наречена алфалфа - што значи татко на сите храни.
Лук
Студија покажала дека бебињата чии мајки почесто и повеќе јаделе лук пред доењето, повеќе сакале да цицаат. Не се знае дали лукот влијае на зголемување на количеството на млеко или пак едноставно бебињата го сакаат неговиот мирис. Во секој случај зголеменото цицање на бебето ќе предизвика да лачите поголемо количество на млеко.
Сусам
Семето од сусам е една од најдобрите храни за зголемување на млекото за доење. Исто така, освен сусам можете да јадете и таан. Таанот помешан со мед, освен што е добар за зголемување на млекото, одличен е и за подобрување на имунитетот.
Глуварче
Глуварчето може да се јаде како салата, но може да се вари и чај од глуварче. Исто така можете да го купите во форма на каспули.
Анасон
Фитоестрогените во анасонот му даваат способност да го зголемува количеството млеко. Но, внимавајте, ако го земете во преголемо количество може да има спротивен ефект и да го намали млекото. Други бенефити од анасонот се подобрено варење на храната и намалување на гасови. Кога мајката пие чај од анасон, гречевите кај бебето можат да се смират или намалат. Уште едно непроценливо својство на анасонот.
Семе од грчка детелина - Грчко семе
Семето од грчка детелина може значително да помогне за создавање млеко. Можете да го земате во форма на капсули или да го пиете како чај. Потребно е да бидете внимателни ако сте склони кон астма и алергии или пак имате ниско ниво на тироидни хормони.
Јактасти плодови
Јаткастото овошје е богато со есенцијални масни киселини и е одличен додаток во исхраната. Аминокиселините кои се наоѓаат во јаткастите плодови влегуваат во изградба на серотонинот, кој пак е неопходен неуротрансмитер за лактација. Најдобри се бадемите, може да изедете грст бадеми, а можете и да си подготвите млеко од бадеми.
Боза
Да, старата добра боза навистина може да го зголеми количеството на млеко.
Готови чајни смеси
Во аптеките можат да се најдат и чаеви за доилки. Вообичаено тоа се смеси од рогата грчка детелина, луцерка, анасон, магарешки трн, слез итн.