Како да препознаете дали правилно го доите бебето
Правилното доење можете да го препознаете по следните знаци:
- Треба да можете да го видите розовиот дел од устата на бебето. Тоа значи дека устата не е вовлечена навнатре, туку нанадвор, како што и треба.
- Ареолата, односно што поголем дел од ткивото на градата треба да биде во устата на бебето. Барем приближно 3 см во радиус околу брадавицата треба да биде во неговата уста.
- Јазикот на бебето треба да се наоѓа помеѓу долното непце и градата, односно треба да се протега врз непцето. Ова ќе можете да го видите ако нежно ја повлечете малку надолу долната усна на бебето.
- Ушите на бебето се мрдаат. Ова се случува задоа што за време на цицањето и голтањето, активно работат мускулите на вилицата.
- Ќе можете да слушнете како бебето голта. Во првите денови по породувањето, ќе чуете дека бебето голта еднаш на можеби 5-10 пати смукнување. Ова е затоа што колострумот се лачи во многу мали количини. Покасно со надоаѓањето на млекото, бебето ќе голта на секои 2-3 смукнувања.
- Не треба да истекува многу млеко од аглите на устата на бебето. Тоа значи дека бебето го голта млекото.
Со текот на времето, ќе научите да чувствувате дали бебето правилно цица. Ако чувствувате болка, обратете внимание, тоа покажува дека нешто не е во ред. Извадете ја градата од устата на бебето и обидете се повторно. Запомнете дека секогаш пред да го ставите бебето на градата, устата треба да му биде потполно отворена. Само така доењето ќе биде правилно и ефикасно.