Градите ја паметат бременоста и со второто дете доењето оди полесно

Познато е дека мајките кои веќе ги доеле бебињата, вообичано имаат помалку потешкотии со доењето на второто дете. Сега ова го потврдија и научниците.
Се покажа дека млечните жлезди, кои се дел од ткивото на дојките имаат меморија од претходната бременост. Тоа значи дека кога жената ќе забремени по втор пат нејзиното тело реагира побрзо на промените предизвикани од хормоните и побрзо го произведува млекото.
Научниците откриле дека оваа меморија на млечните жлезди трае до крајот на репродуктивниот период на жената.
За време на бременоста хормоните предизвикуваат синџир од промени, клетките во градите се делат и се формираат илјадници млечни канали, кои го транспортираат млекото за време на лактацијата.
Рецепторите на хормоните прогестерон и естроген ја "паметат" претходната бременост и во следната бременост полесно реагираат на познатите хормони. Млечните жлезди почнуваат да се шират порано и со побрзо темпо, отколку кај жените кои се за прв пат бремени.
Проф. Camila dos Santos вели:
Изгледа како жлездите веќе да ги познаваат овие хормони.
Познато е дека доењето го намалува ризикот од рак на дојка за повеќе од една четвртина, а исто така го намалува и ризикот од враќање на ракот за 30%. Сега научниците претпоставуваат дека причина за тој заштитнички ефект е оваа меморија на клетките и се обидуваат да откријат точно кои промени на клетките можат да ја дадат оваа заштитничка улога.