Преполнетост на градите по породувањето
Кога ќе почне да се произведува поголемо количество млеко, нормално е градите да станат поголеми, потешки и малку болни. Ова обично се случува од 2 до 6 ден после породувањето. Градите може да отечат, да станат многу тврди, со грутки и болни. Понекогаш може да се јави и црвенило, жештина, пулсирање и вовлекување на брадавиците, како и да дојде до благо покачување на температурата кај мајката.
Отекувањето се јавува заради тоа што (обично во првите 72 часа по породувањето) надоаѓа голема количина на млеко. Со тoa се успорува циркулацијата, па дел од лимфата може да се излее во ткивото во градите. Понекогаш отокот може да се протега се до под мишките. Не мора да се јави кај сите жени, но се случува многу често.
Градите уште може да отечат и заради:
- Лоша техника на доење, односно ако бебето не ја има правилно фатено градата.
- При нередовно доење.
- Давање на дополнителна храна како: вештачко млеко, сокови и сл.
- Ако се смени ритамот на цицање на бебето, нпр. ако почесто почне да цица дење, отколку ноќе.
- Ако бебето не може да цица доволно силно.
- Исрпеност, стрес или анемија кај мајката.
Отекувањето на градите може да доведе до затнување на млечните канали, па затоа е многу важно навреме да се спречи тоа. Ако правилно се третира, отекувањето обично поминува за 24-48 часа. Потоа градите пак ќе бидат полни со млеко, но помеки во спореба со претходно.
Немојте да прекратите со доењето кога градите се отечени, затоа што тоа може да доведе до трајно намалување на млекото.
Како да си помогнете:
Важно е да разберете дека тоа е позитивен знак, имате млеко со кое ќе го храните Вашето бебе. Немојте да се обесхрабрувате. За кратко време Вашето тело ќе се усклади со Вашето бебе и ќе произведува толку млеко колку што му е потребно на бебето.
- Внимавајте доењето да биде правилно. Бебето да ја има фатено, не само брадавицата, туку и ареолата (темниот круг околу неа). Долната вилица на бебето да биде што подалеку од брадавицата.
- Носете градник кој им дава добра потпора на градите, но внимавајте да не ве притиска.
- Дозволете бебето да цица се додека тоа сака и кога сака, односно додека гледате дека активно смука. Дојте го бебето често, барем на секои 2-3 часа. Новороденчињата имаат многу мал желудник, особено во првата недела, па честото цицање е начин да примат доволно млеко. Дојте го од едната града се додека не приметите дека омекнала, потоа префрлете го на другата. Ако бебето се нахранило од едната града, на следното доење ставете го на другата. Немојте да правите големи паузи меѓу 2 доења, затоа што така може драстично да се намали количината на млеко.
- Избегнувајте сами да го издојувате млекото, освен за да ја омекнете ареолата пред доење или малку да ги омекнете градите за да си олесните. Ако претерувате, може да предизвикате преголемо создавање на млеко и да ја продолжите отеченоста на градите.
- Додека бебето цица, правете нежни компресии на градата. На тој начин ќе помогнете млекото слободно да истекува.
- Ако едната страна е поотечена, можете почесто да го доите на таа страна.
- Избегнувајте дополнителна храна за бебето.
- Ако темниот круг околу брадавицата (ареолата) е тврд, можете да истиснете малку млеко, за да ја омекнете пред доењето. Со прстите нежно притискајте во основата на брадавицата, менувајки го местото на притисокот според потребата. На тој начин течностите ќе вратат во погорните делови од градите и може да спречите да дојде до повреди на брадавицата за време на доењето.
- Можете да се обидете со ставање на ладни облоги помеѓу две доења. Исто така можете да ставите издробен мраз или пак смрзнати зрна грашок во најлонско кесе, кое можете да го ставите во градникот.
- На некои жени им помага туширање со топла вода.
- Легнете на грб, така течностите од градите ќе се раздвижат и тие ќе омекнат.
- Ставајте облоги од лист од зелка. Направете дупка на листот, за низ неа да излегува брадавицата. Измијте го листот и исушете го, отстранете го дебелиот дел, благо згмечете го листот и ставете го во градникот. Кога ќе овене листот, заменете го со свеж.
Ако и понатаму имате проблеми консултирајте со стручњак за лактација.