Како да познаете дали доеното бебе прима доволно млеко
Секоја мајка сака да биде сигурна дека бебето ја добива потребната храна и ова е многу често прашање, кое си го поставуваат мајките. Вие не можете да видите колку млеко ќе исцица бебето, но некои знаци ќе ви покажат дека е најадено. Поголемиот број на жени имаат доволно млеко за нивните бебиња успешно да напредуваат. Сепак понекогаш може да се случи бебето да не добива доволно млеко. Тоа е ретка, но сериозна ситација, која треба да се реши за да се спречи дехидратација и неисхранетост на бебето.
Знаци дека доеното бебе добива доволно храна:
- Градите после доењето ви се помеки, бидејки бебето испразнило дел од млекото.
- После доењето бебето изгледа релаксирано и задоволно.
- Откако бебето ќе ја врати родилната тежина продолжува да качува тежина. Повеќето бебиња после раѓањето губат помеѓу 5 и 9 проценти од нивната родилна тежина и обично ја надокнадуваат додека наполнат 2 недели. Повеќе за качување на тежина на доени бебиња можете да прочитате тука: Тежина на доени бебиња.
- Во првите денови по раѓањето бебето ќе го прима првото густо млеко - колострум, кој е толку скапоцен. Во тие денови може да има само 1 или 2 помочани пелени. Но, кога ќе ви надојде млекото бебето ќе има 6-8 помочани пелени дневно.
- Во првиот месеци доените бебиња имаат барем 3 искакани пелени дневно. Бојата на столицата од петтиот ден веќе осветлува и станува златно-жолта. Откако бебето ќе наполни еден месец овој број може да се намали, а не е ретко и да има денови кога доеното бебе нема да има ниту една искакана пелена. Откако ќе почне со јадење цврста храна, околу шетстиот месец, обично столицата се стабилизира и бебињата имаат барем по една искакана пелена дневно.
Знаци дека бебето не прима доволно млеко
- Постојано губење тежина. Ако бебето не почне да си ја враќа родилната тежина и после 5 дена или пак покасно почне да губи тежина разговарајте со неговиот педијатар.
- Ако бебето има помалку од 8 помочани пелени во текот на едно деноноќие, после првите 5 дена по раѓањето.
- Ако после првите 5 дена бебето има мала, темна столица.
- Ако урината на бебето е многу темна, како боја на јаболков сок. Ако урината е бледа или бистра, тоа значи дека бебето прима доволно течности. Ако е поконцентрирана можеби не прима доволно течности.
- Ако бебето е летаргично или скиснато поголемиот дел од времето. Можеби ќе заспие веднаш штом ќе го ставите на градата, но кога ќе го тргнете станува кенкаво.
- Доењето постојано трае подолго од еден час и бебето не изгледа задоволно.
- Ако вашите гради не се помеки после доењето.
Ако сте загрижени дека можеби бебето не прима доволно млеко, консултирајте со неговиот педијатар или стручњак за лактација.
Колку често треба да цица бебето?
Некои бебиња постојано сакаат да се на градата, не само за да добијат храна, туку и сигурност. Додека други пак цицаат само кога се гладни. Во првиот месец башето бебе може да сака да го доите на секои 2-3 часа или 8-12 пати во текот на едно деноноќие. Можеби ви изгледа дека е многу често, но имајте во предвид дека бебето има многу мал желудник и затоа му треба почесто полнење. Кога ќе наполни 2 месеца можеби ќе почне да цица по 8-9 пати, а во третиот месец може да намали на 7-8 пати. Во четвртиот месеци заради поголемата ангажираност и дистракции можеби пак ќе почне да цица почесто, но некаде околу шесиот месец доењето ќе се стабилизира и начесто поголемиот број на бебиња цицаат 5-6 пати во 24 часа.