Колку долго спие бебето?
Прашањето: Кога моето бебе ќе почне да спие по цела ноќ? е едно од најчестите прашања кои си ги поставуваат новите родители.
Иако сите бебиња се уникатни, сепак повеќето од нив ќе почнат да спијат по цела ноќ помеѓу 4 и 6 месеци.
Следните бројки се дадени ориентационо како референци и го покажуваат просечното време на спиење кај бебињата, а не значи дека сите бебиња ќе ги следат тие шаблони.
Бебињата кои се родени после целосно износена бременост на почетокот спијат во просек по 16 часа дневно. За време на овој стадиум бебето не разликува ден од ноќ.
На три месеци повеќето бебиња спијат по 13 часа во текот на едно деноноќие. Просечно од тоа на ноќен сон отпаѓа 8,5 часа и останува 4,5 часа преспивање во текот на денот.
На шест месеци повеќето бебиња спијат по 12,5 часа во текот на 24 часа. Просечно спијат по 9,25 часа во текот на ноќта и имаат 2 преспивања од вкупно 3,25 часа во текот на денот.
На една година повеќето бебиња спијат по 11,75 часа во текот на 24 часа, од тоа во текот на денот во просек отпаѓаат по 2 часа дневно.
На околу 3 месеци можете да почнете да им воведувате распоред за спиење.
Важноста на здравите навики за спиење
Многу важно е бебето да развие здрави навики за спиење. За да му помогнете потребно е да создадете околина која ќе одговара за спиење. Затемнета просторија, со температура од околу 20 степени може да му помогне на бебето полесно да се смирува и да заспива. Местото на кое спие вашето бебе треба да биде блиску до вашиот кревет, барем во првите 6 месеци или подолго. Погодни се креветчиња кои можат да се стават веднаш до креветот на родителите. Исто така важно е да го оставите бебето да заспие во креветче кога ќе биде веќе опуштено, но не целосно заспано - на тој начин ќе научи да заспива самото.
Ако вашето бебе добива доволно сон секојдневно, ќе можете двајцата да бидете одморени и да уживате во секојдневието заедно.