Како да спречите опасност од задушување кај бебиња и мали деца
Причини за загушување кај бебиња
Откако вашето бебе ќе научи да фаќа предмети, па се некаде додека да наполни 4-5 години треба да внимавате на опасноста од задушување. Децата имаат тенденција да истражуваат со тоа што предметите ги ставаат во уста, но исто така опасноста од задушување се јавува и заради тоа што тие сеуште не знаат добро да ја соџвакаат и да ја голтнат храната, како и тоа што имаат тесни дишни патишта - кои лесно можат да се блокираат, а воедно не можат силно да искашлаат за да го исфрлат страното тело.
Бебињата уште на 6-7 месечна возраст, штом ќе ги добијат предните запчиња веќе ќе можат да одгризаат парчиња храна, но тоа не значи дека тие ќе можат да ја соџвакаат или дека ќе знаат како да ја голтнат храната. Постои опасност несоџваканите парчиња храна да ги блокираат дишните патишта и да дојде до гушење или пак делови од храната можат да бидат вдишани во белите дробови.
Како да го избегнете ризикот од загушување кај децата
- Прихраната воведете ја внимателно. Ако ја воведете премногу рано бебето нема да ги има развиено потребните моторички вештини за голтање и може да се загуши. Почекајте да наполни барем 4 месеци пред да воведете блендирана храна.
- Уште од самиот почеток учете го бебето да јаде полека и добро да ја џвака храната.
- Внимателно набјудувајте го бебето секогаш кога пие или кога јаде. Тие обично не можат да направат звуци кои би ви покажале дека се гушат, па потребно е вашето целосно внимание. Никогаш не го оставајте детето да јаде или пие без надзор.
- Кога детето јаде погрижете се да биде седнато. Не дозволувајте децата да јадат додека стојат, се движат, трчаат, си играат и сл. Кога ќе потпорасне детето потсетете го прво да ја изџвака и голтне храната пред да зборува.
- Никако немојте да му давате на мало дете поголеми парчиња храна, како цели зрна грозје, потоа тврда храна како бомбони, кикиритки, пуканки и сл.
- Внимавајте на играчките, да немаат мали делови кои детето би можело да ги голтне. Не му давајте играчки наменети за деца на поголема возраст, како ни да си игра со копчиња, џамлии, парички, камчиња и слични ситни предмети.
- Не му ја давајте кутијата со пудра. Ако ја отвори и вдише пудрата може да го загуши бебето.
- Не му давајте на бебето да јаде непосредно откако сте му ставиле гел за намалување на болка при растење на забите. Гелот може да го здрви грлото и да го попречи нормалното голтање на храната.