Бебешки акни

бебе со акни

Бебешките акни се чест кожен проблем кај бебињата. Некои бебиња можат да се родат со нив, но најчесто се јавуваат околу третата недела по раѓањето. Најчести места на кои се јавуваат бебешките акни се: образите, брадата и челото на бебето, но понекогаш можат да се јават на носот и на скалпот или грбот. Бебешките акни најчесто имаат бело во центарот и се опкружени со црвено ткиво, а стануваат поизразени ако на бебето му е жешко или кога плаче.
 

Причини за појава на бебешки акни


Лекарите сеуште не се сигурни за точната причина за појавата на акни кај бебињата. Според некои претпоставки причина за бебешките акни се хормоните, кои бебињата ги примаат од мајката, преку плацентата, во последните недели од бременоста. Понекогаш акните можат да се јават заради некое лекарство кое го прима бебето или пак мајката, која дои.


Третман на бебешки акни


Повеќето бебиња немаат потреба од никаков третман на бебешките акни. Акните најчесто поминуваат сами од себе во рок од неколку недели, а понекогаш можат да траат и неколку месеци. Немојте да користите креми против акни, ниту тешки масни лосиони. Немојте ниту да ги триете акните, така можете дополнително да ја иритирате кожата. Доволно е да го миете лицето на бебето еднаш дневно со млака вода и благ бебешки сапун, а потоа нежно, со чиста крпа да ја впиете водата од кожата. Во некои случаи можеби лекарот ќе ви препише медицинска крема, но тоа се исклучоци, миењето на лицето најчесто е сосема доволно.