Прашања за хранење на новороденчe

новороденче

Колку треба да јаде едно новороденче, на колку време, како да знаете дали му е доволно, колку да го чувате шишето со млеко и итн. се прашања што ја интересираат секоја нова мајка. Еве ги најчестите прашања.

 

Колку често треба да јаде бебето?


Новороденчињата јадат на секои 2-3 часа. Не се обидувајте да го ставите бебето на распоред, туку дозволете тоа да го води хранењето. Доените новороденчиња можеби ќе цицаат по 10-12 пати во текот на деноноќие. Колку повеќе цицаат, толку повеќе ќе имате млеко - млекото се создава на принцип на побарувачка и понуда. Со текот на времето растојанието помеѓу две доења ќе се наголемува.


Млекото сеуште не ви е надојдено?


Млекото може да дојде и на четвртиот ден, типично во вечерните часови. Дотогаш контактот кожа со кожа е најдобар начин за помагање на производството на млеко, а исто така и честите, кратки сесии на доење. Иако немате надојдено млеко, во првите денови имате колострум или предмлеко- кој е скапоцен за вашето бебе и неговото здравје.


Дали моето бебе јаде доволно?


Се додека бебето ја мочка или кака пелената после секој оброк, доволно јаде. За време на првите неколку дена веројатно дека бебето ќе има 3-4 мокри пелени. После тоа ќе почне да има по 8-10 мокри или искакани пелени дневно, но исто така нормално е и 12-15 - особено за доени бебиња. Ако бебето не мочка доволно или не кака и покажува знаци на дехидратација (како темно жолта урина), јавете се кај неговиот педијатар.


Како да бидам сигурна дека моето бебе јаде доволно?


Стомачето на бебето во првите 7-10 дена по раѓањето е големо колку грашок, па џамлија, па колку пинг понг топче. Мали, чести оброци се тоа што му е потребно на бебето. На бебе кое се храни со адаптирано млеко, обидете се да му дадете по 25-45 мл на оброк. Ако по завршувањето на оброкот бебето мјацка со устата или плаче, можеби бара повеќе млеко. Ако пак го плука шишето, ја врти главата или цврсто ја затвора устата, веројатно дека е најадено.


Дали треба да го будам бебето за јадење?


За тоа дали треба да се буди бебето за хранење педијатрите даваат различни препораки. Бебињата кои имаат жолтица спијат повеќе и подолго, па треба да се разбудат. Консултирајте се со вашиот педијатар. Исто така ако бебето се родило со премала тежина, можеби ќе треба да го будите и да го храните почесто.


Како да го разбудам бебето за да јаде?


За да го разбудите бебето прво разлабавете му ја облеката. Ако не се разбуди соблечете го на боди. Менувањето на пелена исто така ќе му помогне да се разбуди за да го нахраните. Палењето на светло веројатно дека нема да ја заврши работата, напротив: тоа често пати ги тера новороденчињата уште поцврсто да ги затворат очите.


Колку долго може да стои подготвеното адаптирано млеко?


Откако ќе го подготвите адаптираното млеко, може да стои на собна температура до еден час. Откако сте го нахраниле бебето, остатокот фрлете го и не му го нудите повторно. Кога се сомневате - фрлете.

 
Како да го затоплам шишето со млеко?


За да го затоплите шишето користете затоплувач за шишиња или пак ставете го во сад со жешка вода. Апаратите за затоплување на шишиња се одлични и за ноќно време, кога постојано можете да имате спремна вода за ново шише млеко.


Дали смеам да го загревам шишето со млеко во микробранова печка?


Не се препорачува да го ставате шишето во микробранова печка, затоа што може да се направат жешки џебови и да се изгори бебето.


Кога треба бебето да подригне?


Новороденчињата имаат несозреан дигестивен систем и потребна им е помош. Дел од помошта е да му помогнете да подригне, за да излезат меурчињата воздух, кои ги голтнало за време на хранењето. Погрижете се бебето да ждригне после хранење. Обидете се да го држите исправено и да го галите по грбот. Можете и да го држите над вашето рамо и да го галите по грбот, секогаш внимавајки да ја потпирате главата и вратот.


Дали да го успиете бебето веднаш по хранењето?


Обидете се да го држите новороденчето исправено 10-15 минути, за да ја елиминрате можноста да го врати или поврати млекото.