Како да го намалите ривалството помеѓу вашите деца
Речиси секој родител кој има повеќе од едно дете се нашол во многу фрустрирачката ситуација на ривалство помеѓу неговите деца. И покрај напорот за одржување на хармонијата во семејството, сепак децата може да се караат околу играчките, ќе се провоцираат, ќе се задеваат или пак можеби ќе дојдат и во физички конфликт. Ова е тешка ситуација за родителите и можеби се прашувате каде е вашата грешка во нивното воспитување.
И покрај тоа што ривалството помеѓу децата е многу фрустрирачка и непријатна ситуација, сепак извесна доза на љубомора е нормален дел од растењето на децата. Во некои семејства оваквата ситуација може да биде поизразена отколку во други.
Причина за ривалството помеѓу децата е нивниот натпревар за вашето внимание и љубов. Родителот е многу важен во животот на детето и затоа тие не би го делеле со друг, особено со братчето или сестричето. Постојат и други причини за ривалството: карактерот на детето, времето кое го поминуваат заедно или со вас, ситуацијата многу ќе се влоши ако макар и несвесно покажувате повеќе наклоност кон едното дете итн.
Еве некои совети кои можат да ви помогнат за полесно да се справите со ривалството помеѓу вашите деца:
- Бидете фер.
- Немојте да правите споредби помеѓу вашите деца, тоа само ќе ги влоши проблемите.
- Избегнувајте да земате страни во нивните конфликти. Бидете непристрасни и не покажувајте дека сте наклонети кон едното или другото дете.
- Поставете правила за тоа како ќе се решаваат конфликтите. Дозволете им на децата да ги искажат своите чувства. Децата се чувствуваат поприфатени кога родителите ги разбираат нивните чувства.
- Почитувајте ја различноста помеѓу вашите деца, наместо да се обидете да ги направите исти. Така секое од нив ќе се чувствува прифатено заради своите квалитети.
- Не го охрабрувајте клеветењето помеѓу децата, напротив, стваете им до знаење дека не го сакате тоа.
- Поставете праила на однесување, на пример објаснете им на децата дека секогаш треба да прашаат пред да се послужат со некој предмет на братчето или сестричето итн.
- Кога е потребно да го укорите или казните едното дете, направете го тоа насамо.