Ставањето на детето на прво место ги усреќува родителите

Холандските научници покажаа дека не е точен митот дека родителите кои се повеќе вклучени во животот на децата мораат да ја жртвуваат сопствената среќа, напротив.

Тимот од психолози вели дека потценувачките изрази како "хеликоптер родители" или "тигар мајки" и сл. ги потценуваат родителите кои решиле да ги стават своите деца во центар на семејниот живот, но нема основа за таквиот став.

Всушност концентрирањето на родителите на максимизирање на среќата на децата, им овозможува да уживаат уште повеќе во родителската улога.


Водач на студијата е Claire Ashton-James, од Универзитетот во Амстердам. Нејзините наоди ги поткрепуваат студиите кои заклучија дека инвестирањето на финансии и емотивни ресурси во другите води до поголема среќа, отколку инвестирање во себе.

Таа вели:

Кога станува збор за родителска среќа, го жнеете тоа што сте го посеале.

Таа заедно со колеги од Универзитетот на Британска Колумбија во Канада, направиле 2 студии, во кои биле вклучени 322 родители, кои имале барем едно дете помладо од 18 години, а кое живеело во нивниот дом.

Во првата студија на родителите им била дадена задача да пополнат прашалник за да се одреди нивниот родителски стил. Тука спаѓал и степенот до кој тие се согласувале со изјави како нпр: Среќата на моето дете ми е поважна од мојата.

Исто така родителите биле анкетирани и за да се утврди нивната среќа и смисла што ја добиваат со имањето деца, преку изјави од типот: Децата ми го осмислуваат животот.

 

 

Резултатите покажале дека дете-центричните родители имале значително посилно чувство на среќа и поголемо чувство за смисла, кои потекнувале од родителството.

Родителите во втората студија биле замолени да ги прераскажат активностите од претходниот ден и да кажат како се чувстувале за време на секоја активност.

Резултатите покажале дека повклучените родители имале посилни позитивни чувства, послаби негативни чуства и повеќе чувствувале дека нивните животи имаат смисла додека се грижат за детето.

Како дополнување на тоа, среќата на овие родители не била поматена во остатокот од денот, нпр. кога оделе во набавка или кога ги извршувале домашните обврски.

Ова индицира дека нивниот став како родители, не ја намалува нивната среќа кога не се грижат за децата. Тоа докажува и дека не го преувеличувале задоволството што го имаат од родителството за да ги компензираат жртвите.

Извештајот заклучува:

Откривме дека постои позитивна врска помеѓу дете-центризмот и субјективната среќа и смисла во животот, која учесниците ја добиваа од родителството.

Откритијата повторно сугерираат дека колку повеќе грижа и внимание им се посветува на другите, се доживува повеќе среќа и значење. Уште една поткрепа на Библиска мисла: Поблажено е да се дава, отколку да се прима.

Во таа смисла, колку повеќе родителите инвестираат во добросостојбата на нивните деца, односко колку подетецентрични се, толку повеќе среќа и значење ќе добијат од родителската улога.