Како да препознаете што значат знаците кои ви ги дава бебето
Бебињата не зборуваат, но даваат знаци со кои се обидуваат да ви кажат што им е потребно. Иако можеби ќе поминат неколку недели додека да ги разберете знаците на вашето бебе или невербалниот јазик, ќе бидете вчудоневидени од тоа колку рано бебињата можат да даваат јасни сигнали за тоа дали сакаат интеракција, дали повеќе сакаат да одморат од играта, дали се уморни или гладни.
Вашето реагирање на знаците на бебето (дење и ноќе) ќе му овозможи да развие чувство на доверба во неговата способност да влијае врз околината и ќе му помогне да развие цврста поврзаност со вас. Ова е многу важно за покасниот емотивен развој и врски. Вашата чувствителност на неговите знаци ќе му помогне да го научи она што психолозите во нарекуваат "емотивна регулација", што всушност е способност да разбереме дека имаме контрола врз своите емоции. Кога го смирувате бебето, вие го учите дека кога е вознемирено може да се смири. Кога сигналите на бебето се игнорираат, тогаш ескалираат во плач на кој не се одговара и бебето не успева да научи дека може да ги регулира своите емоции.
Знак број еден: Гладен сум
Бебињата даваат многу суптилни знаци дека се гладни уште долго време пред да почнат да плачат, од правење движења со устата, звуци на цицање, обиди да си ги цицаат тупаниците, како и мали звуци што значат: "Работам на тоа да се расплачам". Ако се игнорираат овие знаци бебето ќе почне да плаче. Плачењето на бебето е веќе доцен знак дека е гладно. Ако реагираме навреме ќе избегнеме непотребни проблеми со исхраната. Сигурно сте приметиле дека кога бебето плаче неговиот јазик е на горното непце, а кога јазикот е во таква положба бебето не може да ја фати градата или цуцлата. Дури и да се обидете да го смирите со доење или со шише има мала веројатност дека ќе успеете да се смири за да повелече убаво. Дури и ако повлече, веројатно дека цицањето ќе биде дезорганизирано и бебето ќе испие мала количина млеко, пред да заспие. Се разбира дека тоа значи дека веројатно за кратко време повторно ќе се разбуди гладно.
Знак број два: Играј си со мене
Малите бебиња имаат кратки периоди кога можат да се внесат во интеракција со вас, но како што растат така ќе расте и нивната способност да си играат подолги периоди, а неговите сигнали ќе бидат се појасни. Кога вашето бебе сака да игра ќе има широко отворени и очи, кои светат. Можеби ќе ја собира устата како да се обидува да каже нешто како: оох додека се врти кон изворот на гласот или гледа во вашето лице. Движењата на рацете и нозете ќе бидат помазни, наместо грчевити додека посегнува кон вас, можеби ќе го фати и вашиот прст. Ако одговорите на неговите знаци, вашето бебе ќе воспостави контакт со очи, ќе се насмевне, ќе гуга или зборува и сл. Овие знаци се начинот на кој вашето бебе ве кани да си играте со него.
Знак број три: Потребно ми е да се одморам
Кога на вашето бебе му е потребен одмор од некоја активност, тоа ќе ви прати јасни сигнали како: свртување на погледот настрана (малите бебиња можат да го одржат контактот со очи само многу кратки периоди, па можеби ќе го тргнат и повторно ќе го воспостават контактот по паузата), вртење на главата, клоцање или мешколење, кашлање, плукање или виткање на грбот. Некои бебиња дури ќе ја кренат и раката како да прават знак за "стоп". Посуптилни знаци дека бебето е уморно од играта или дека му е потребна промена на активноста може да бидат: прозевање, набирање на челото или муртење и икање. Ако продолжите да си играте со бебето кога ви дава знаци да престанете, тоа ќе стане вознемирено, ќе почне да прави отсечни движења или ќе почне да кенка и плаче.
Знак број четири: Ми се спие
На никој од нас не му е пријатно да биде буден кога му се спие, затоа наместо да чекате вашето бебе да ја помине границата, ставете го во кревет штом ќе почне да дава знаци како: стишување, губење интерес за луѓето и играчките, правење грчевити движења (кај малите бебиња) или пак опуштање (овие бебиња обично лесно се релаксираат и лесно заспиваат), прозевање, муртење или собирање на веѓите, стискање на тупаници, триење на очите, ушите и кенкање. Ако го промашите овој прозор на можност, веројатно дека вашето бебе ќе стане нервозно и потешко ќе го смирите. Ако сте ги пропуштиле знаците на умор кај бебето, тоа може да стане напнато и потешко да го успиете.
Иако ова се типични знаци кои ги користат повеќето бебиња, поедините бебиња нема да ги користат сите овие знаци или пак цело време. Секое бебе ќе развие своја сопствена мешавина од сигнали. На пример, едно уморно бебе можеби ќе лежи мирно и ќе си ја гледа тупаницата, додека наеднаш да стане малаксано. Друго можеби ќе има помалку контрола врз движењата и тие ќе бидат грчевити - ако е мало или некоординирани - ако веќе е подвижно, а трето бебе пак можеби ќе си ги трие очите и ќе биде вознемирено. Можеби сигналите на вашето бебе ќе ви изгледаат нејасни, но како што минете време со него, пропратено со обиди и грешки во толкувањето на неговата комуникација, наскоро ќе бидете ускладени еден со друг. Вашето бебе ќе научи да комуницира на уникатен начин со секоја личност, а вие и таткото ќе научите да одговорите на начин кој му одговара на вашето бебе.



