Знаци дека бебето е гладно
Секоја мајка сака да знае кога нејзиното бебе е гладно и да биде сигурна дека е нахрането и задоволно. Бебињата не можат вербално да кажат дека се гладни, но затоа пак даваат знаци што ќе ви покажат дека треба да ги нахраните.
Многу родители мислат дека бебето го изразува гладот со плачење, но плачењето е еден од доцните знаци. Ако се потпирате на бебешкиот плач за да го нахраните бебето ќе создадете проблеми во неговата исхрана, стрес за него, а и за вас. Кога бебето плаче неговиот јазик е врз горното непце, а така не може да цица. Доколку и успеете да го натерате да почне да цица, тоа ќе биде неорганизирано цицање, во мала количина и веројатно брзо ќе заспие, а потоа ќе се разбуди гладно за ново хранење.
Кога бебето е вознемирено подобро прво да се обидете да го смирите, нпр можете да го ставите на вашите голи гради, во контакт кожа со кожа. Кога ќе се смири ќе можете многу полесно да го нахраните.
Знаци дека бебето е гладно
Рани знаци на глад кај бебињата:
- Мљацкање со устата или оближување.
- Отворање и затворање на устата.
- Плазење на јазикот.
- Смукање на устата, јазикот. Ги става рацете во уста и ги смука, или пак ја смука облеката или некоја играчка.
Активни знаци на глад:
- Бебето се обидува да се намести во позиција за доење кога го држите. Засилено прета и мрда, се обидува со главата да се намести на градите.
- Повеќе пати ве удира по рацете или градите.
- Ако го допрете од страна по главата се врти и бара да цица.
- Почнува да се лути или забрзано дише.
Доцни знаци на глад:
- Френетично ја мрда главата од една на друга страна.
- Плаче.
Што ако не сте сигурни дека бебето е гладно
Ако се сомневате дека бебето е гладно, но не сте сигурни, нема да погрешите ако му понудите да јаде. Особено ако доите, понудувањето на градата нема само да го нахрани, туку ќе го зголеми создавањето на млеко и можеби ќе го утеши и смири бебето.