Транзиција на бебето од животот во матката во надворешниот свет

новородено бебе

Во текот на девет месеци вашето бебе растело во идеалниот сензорен свет во матката, живеејки во многу помирна средина отколку онаа во надворешниот свет.

Од таа мирна околина во матката, тоа нагло преминало во свет, со многу сензорни стимулации (светлина, звуци, луѓе, нови ситуации итн), а тоа за бебињата е голем предизвик.

При раѓањето бебињата се најнеразвиени од речиси сите други цицачи. Мозокот на бебето сеуште не е способен за свесни одлуки или движења, но сепак е многу напреден сензорен орган. Односно, мозокот ги собира информациите преку сетилата и со текот на времето учи да ги обработува и да го осмислува новиот сензорен инпут.

Најдобар начин за да му го олесните на бебето навикнувањето на светот и транзицијата од животот во матката, е да ги спречите пресилните стимулации и да му овозможите средина, која ќе ги имитира условите во стомакот на мајката.


Спречете хиперстимулација на бебето


Кај малите бебиња процесот на филтрирање на непотребните и екцесивни сензорни искуства сеуште не е созреан. Од таа причина бебето лесно да може да се хиперстимулира. Хиперстимулацијата пак може да резултира со грчеви, немир, иритираност и потешкотии во заспивањето. За да ги спречите тие последици најдобро е да не дозволите вашето бебе пред се да дојде во состојба на хиперстимулација.


Како да ги имитирате условите во матката


Најдобар начин за да му осигурате на бебето мирна транзиција од животот во стомакот, во надворешниот свет е да создадете услови слични на оние во матката. Едни од начините за тоа се: завиткување на бебето, масажа и носење.

Повивањето (завиткување на бебето во растегливо ќебенце или чаршав) многу често ги смирува малите бебиња и им помага во заспивањето. Бебето е навикнато на ограничените движења во матката и тоа ќе го потсети на нему познатата и сигурна средина.

Масажата и контакт кожа со кожа исто така е фантастична алатка за смирување на бебето. Вашето бебе доаѓа од средина во која било во постојан допир кожа со кожа со вас, така да тоа за него е норма и ќе ужива во вашиот допир.

Движењето и носењето на бебето во слинг или марама исто така ја имитира околината во матката и ќе делува смирувачки на бебето.

Имајте ги во предвид условите во кои бебето живеело во матката и внимавајте на знаци на хиперстимулација, тоа е најдобар начин да му помогнете на бебето полесно да ја помине транзицијата од животот во матката во надворешниот свет.