Тајниот живот во матката и поврзување со бебето
Во западната култура се смета дека родителството започнува со раѓањето на бебето. Овој поглед на работите е наметнат од научници кои врз бебето гледале како на физичка материја. Особено како погрешен се покажува ставот за "неспособноста на мозокот" на нероденото бебе да памети, учи, да искуси траума, емоции итн. се до раѓањето. Се испостави дека животот на нероденото бебе е многу побогат од тоа што се веруваше. Денес постои цела научна гранка Пренатална психологија. Со развојот на технологијата матката повеќе не е темно, запечатено место, туку се зголемува увидот на она што се случува во утробата на мајката и се открива едно цело богатство на живот, промени, емоции итн.
Во светло на новите сознанија за животот во утобата потребно е да се прилагоди и начинот на кој му пристапуваме на родиителството. Многу е погрешен ставот дека родителството треба да започне со раѓањето на бебето. Влијанието на родителите и нивниот однос кон бебето уште пред да се роди е огромно, не само за неговиот физички, туку и за емотивниот развој. Бременоста без сомнение е време кога родителот веќе е родител.
Во бременоста се создава основата на животот на бебето
Создавање на физичкото тело на бебето
Правилната исхрана и здравиот начин на живот можат да му обезбедат на бебето оптимален почеток на животот и да постават основа за неговиот развој во иднина. Кога бебето ќе се роди, ако тогаш започнете со грижата за неговото здравје веќе сте задоцниле 9 месеци. Исхраната на мајката има огромно влијание врз развојот на бебето, потоа примањето на пренаталните витамини како фолната киселина, избегнувањето на никотин, алкохол, други загадувачи итн. Покажано е дека последиците од неправилната исхрана се далекусежни, на пример многу случаи на шизофренија во време на глад се предизвикани од недостаток на цинк. Многу здравствени проблеми кои можат да се појаваат кога човек е возрасен, можеле да се спречат со повеќе грижа во бременоста.
Создавање на емотивните основи
Едно од најоглемите изненадувања од животот во матката е емотивниот живот на бебето и неговото изразување. Развиеноста на технологијта на ултразвкот е стасана до таму да кај бебиња во 10-та седмица од бременоста се забележуват рани аспекти на самоконтрола. Во 15 седмица бебето реагира со движења на смеата или кашлањето на мајката. Ултразвучни наоди од амниоцнтеза покажуваат дека бебето реагира со повлекување од иглата (иако не го допира), удирање со стегната тупаница и вознемиреност, што сугерира на самозаштита и страв. Ултразвучните снимки на близнаци покажуваат социјална поврзаност, клоцање или пак взаемно играње на близнаците уште во утробата. Уште пред 16-та седмица развиен е слухот и сетилото за вкус. Се испоставува дека животот во матката не е ни сличен на сликата што ја имавме претходно, а исто и сликата за бебето како глуво, слепо и несвесно.
Создавање на поврзаност со нероденото бебе
До неодамна се сметаше дека нероденото бебе не може да има значителни искуства. Со многу експерименти се покажа дека тоа не само што е погрешно, туку бебињата во матката имаат цел спектар на искуства и создаваат свои модели на интеракција. Се покажа дека музиката, јазикот, приказните кои повеќе пати ги слушаат бебињата уште додека се во стомакот на мајката, ги препознаваат по раѓањето. Бебињата уште додека се во стомакот на мајката учат да го распознаваат гласот на своите родители како и некои основи на нивниот мајчин јазик. Спектрографски анализи на гласот во 26-та седмица од бременоста покажуваат дека бебињата веќе попримиле од гласовните карактеристики на мајката.
Направен е експеримент во кој мајките од 33-37 седмица секојдневно на бебето му кажувале детска песничка. Во 37-та седмица додека бебињата сеуште биле во стомакот на мајката било направено тестирање. Кога бебињата ќе ја слушнеле познатата песничка реагирале со забрзан срцев ритам, но не реагирале на непозната песничка. Исто така е познато дека бебињата уште кога ќе се родат покажуваат преферирање на некој вид музика или песни, а тоа најчесто е музиката која ја слушала мајката за време на бременоста.
Она е што е фасцинантно е дека бебето ги дели и емоциите на мајката. Емоциите секако дека не поминуваат низ ѕидот на матката, но хормоните кои ги пренесуваат поминуваат. Така се знае дека кога мајката е под стрес во нејзиното тело се произведуваат големи количини на хормони на стрес - катехоламини. Овие хормони потоа преминуваат преку ѕидот на матката во бебето. Покажано е дека доколку бебето во стомакот биде често изложувано на хормони на стрес, тоа ќе се навикне на чувството постојано да биде под хроничен стрес и неговиот организам веќе е спремен на дразбите да одговара со преинтезивна реакција. Кога таквото бебе ќе се роди покажува повеќе емотивни и гастроинтестинални нарушувања. Една студија покажа дека хормонот на стрес во бременоста влијае врз интелектуалниот развој на новороденчето.
Ефектите на емотивниот живот на мајката во бременоста имаат влијание врз покасниот развој на личноста на бебето. Забележана е тенденција анксиозните мајки да раѓаат бебиња кои исто ќе покажуваат анксиозност.
Откриено е и дека мајките кои бременоста ја прифаќаат со огорчување и не чувствуваат поврзаност со бебето имаат поголеми изгледи дека ќе родат деца со повеќе емотивни проблеми. Мајките пак чии бебиња се сакани, имаат поголеми изгледи дека ќе родат емотивно здрави деца.
Истражувањата покажуваат дека краткотрајните емотивни проблеми кај мајката, кои си имаат свое разрешување не го нарушуваат емотивниот развој на бебето. Она што остава последици врз бебето е неразрешен стрес кој се протега низ целата бременост. Продолжениот стрес не само што го нарушува емотивното здравје на бебето, туку може да доведе и до предвремено породување и раѓање со мала тежина на бебето, односно и физички да му наштети на бебето.
Родителството кое со радост ќе ја прифати бременоста и ќе го опкружи бебето со љубов и внимание додека е во стомакот е традиција која се протега илјадници години наназад во многу култури. На пример и ден денес во Кина се знае дека царицата пред многу векови кога била бремена не гледала на непријатни работи, не слушала лоша музика, ниту кажувала навредливи зборови, за да не остави негативно влијание врз царското дете во неа.
Направена е споредба помеѓу бебиња чии родители активно учествувале во пренаталната стимулација на бебињата и се покажало дека овие бебиња порано почнуваат да зборуваат, имаат подобар физички раст, подобар агпар резултат, полесно се поврзуваат со родителите, доењето е поуспешно, а мајките самото породување почесто го опишувале какo "полесно од очекуваното". (Van de Carr, Van de Carr & Lehrer, 1988).
Слични резултати имаат покажано и големи студии во Венецуела и Европа. Музичката двојка Manuel Alonso and Rosa Plaza организирала програм наречен "Firstart" во кој внимателно одбрани звуци на виолина биле емитувани преку минијатурен касетофон кој мајките го носеле на стомакот. Мајките биле советувани и да го снимат својот глас како му зборуваат или пеат на бебето. Сето тоа се одвивало од 28-та седмица од бременоста па до породувањето. Во просек за тоа време касетофоните биле активни 70 часа. Бебињата на мајките кои учествувале во експериментот, во споредба со контролната група, до шестиот месец покажале супериорни резултати во целина, како во фините моторни актвиности, така и во лингвистичкиот развој и когнитивното однесување. Од шестиот па до дванесетиот месец бебињата од експериментот сеуште биле понапредни од контролната група, иако разликите малку почнале да се намалуваат.
Гинекологот David Cheek после животно искуство со породувања заклучил дека бебињата кога се исплашени иницираат предвремено породување. Тој забележал дека кога мајките вербално им се обраќале на бебињата и им кажувале дека се на безбедно и да останат таму, предвременото породување се стопирало.
Сите овие и уште многу други експерименти покажуваат дека:
- Бебињата се будни, свесни и со внимание ги следат активностите кои вклучуваат глас, допир и музика.
- Дека бебињата преку овие активности формираат поцврсти врски со своите родители, што резултира со подобра поврзаност и подобри искуства при породувањето.
- Дека овие бебиња имаат подобар развој на говорот, движењата, подобра емотивна саморегулација и подобри мисловни процеси. Сите овие нешта се награда за активно вклученото родителство уште додека бебето е во матката.
Како да се поврзете со вашето неродено дете
Емотивната порзаност на мајката и бебето во утробата, што со векови се сметаше за суеверие сега има научна поткрепа. Кога мајката е загрижена и бебето е загрижено, кога мајката е среќна и бебето е среќно. Направен е експеримент со прикажување на тажен и среќен филм на мајката. Кога мајката гледала несреќни делови од филмот бебето во стомакот реагирало несреќно, кога мајката гледала радосни моменти бебето реагирало со радост. Одговорноста на родителите спрема нивното дете е огромна уште пред неговото раѓање, а последиците од односот кон него и емотивната состојба на мајката има долгорочно дејство во неговиот живот.
Некои родители се прашуваат кога да започнат со поврзувањето со бебето, одговорот е веднаш. Веќе околу 3 седмици по зачнувањето се формира неуралната туба, од која се развива мозокот и рбетниот мозок. До осмата седмица сите базични делови на мозокот се веќе на место и нема да се заменат. Од таа основа на мозокот ќе се развијат гранки, кои ќе формираат милијарди на синапси, неопходни за совршена координација на целиот нервен систем. Процесот на развојот на мозокот ќе продолжи во годините после раѓањето. Она што е најсигурно е да започнете со поврзувањето со бебето уште веднаш по зачнувањето.
Имајте во предвид дека бебето слуша и е свесно за светот околу него. Кога на мајките им била пуштана рок музика бебињата насилно клоцале, кога пак ќе им пуштеле класична музика се смирувале. На музика од Вивалди бебињата реагирале со смирување, но на Бетовен станувале повознемирени. На силни и ненадејни звуци бебињата се штрекнуваат или почнуваат да клоцаат во знак на протест. Вашето бебе има уши кои разликуваат уште додека е во стомакот. Зборувајте му и пејте му на бебето, нека почуваствува дека е сакано од обата родитела.
Имајте во предвид дека вашето бебе може да чувствува. Не само што реагира на звук, туку има развиено и чувство за вкус. Кога во амниотската течност била ставена зашеќерена вода, бебето почнувало да голта позачестено. Уште во 5-от месец од бременоста бебето замижува ако се изложи на силна светлина. На надоворешни стимулации уште од 4-от месец реагира со гримаси итн.
Вашите мисли влијаат врз неговите чувства. Затоа имајте позитивни мисли за животот и спрема него. Како што загадената храна влијае врз развојот на бебето, така влијаат и загадените мисли. Немојте претерано да се оптоварите со тоа да не му наштетите на бебето, па да си го зголемите стресот. Опуштете се, гледајте да исфрлите колку можете повеќе од стресните ситуации, стресот разрешете го колку можете побрзо, одморајте се и гледајте да му овозможите што повеќе позитивни искуства и љубов на вашето бебе уште додека е на сигурно во вашиот стомак.
Заклучокот е дека периодот од зачнувањето до породувањето е критичен за физичкиот, емотивниот и менталниот развој на секое бебе. Интимната врска помеѓу родителот и бебето во тој период има долготрајни последици. Затоа, родители вложете го вашето најдобро во детето уште додека не сте го виделе.