Непријатности и болки во бременоста
Бременоста е еднo од најубавите случувања во животот, но со себе може да донесе и некои непријатности.
Тоа не е чудно кога ќе се земат во предвид сите промени што ги претрпува телото за еден краток временски период. Не се грижете, повеќето од нормалните непријатности се знак дека се во ред и дека вашето бебе расте и напредува.
Кај некои жени пропратните непријатности во бременоста се помали, кај некои се поголеми, но има некои работи кои можете да ги примените за да ги намалите. Кај некои жени пак бременоста може да помине без некои посебни проблеми, во секој случај уживајте во неа колку што можете повеќе.
Утрински мачнини
Утринските мачнини се должат на хормоналните промени кои ги претрпува телото на жената и најчесто се стивнуваат при крај на првото тромесечие. За да намалите мачнините обидете се да јадете повеќе помали оброци, немојте да дозволите стомакот да ви биде празен - тоа ќе ги блоши мачнините, избегнувајте храна од која ви е лошо, зачини, маснотии итн. Повеќе за утринските мачнини и како да се справите со нив прочитајте на следниот линк Утрински мачнини во бременоста.
Болки во градите
Во текот на бременоста градите се подготвуваат за доење и претрпуваат големи промени. Зголемувањето на градите предизвикува болка. За да си олесните носете градник кој ќе им дава цврста потпора, но никако градник кој ќе ве стега. За спиење носете лесен памучен градник кој нема да ја влошува нивната пречувствителност.
Запек
Запекот е многу честа појава во бременоста. Се смета дека зголемената количина на прогестерон влијае на тоа да се опушти цела мускулатура, а со тоа и цревата. Исто така и земањето на железо за да се избегне анемијата дополнително може да ја влоши состојбата со запек. Понекогаш запекот може да предизвика и хемороиди, особено во покасната бременост. За да си помогнете јадете храна богата со растителни влакна (овошје, зеленчук, житарки и сл.), пијте повеќе вода, движете се редовно. Доколку состојбата е посериозна лекарот може да ви препише лаксатив кој нема да биде штетен за бебето. Напомена: никогаш немојте да земате лаксативи на своја рака, некои од нив може да му наштетат на бебето.
Болки во грбот
Болките во грбот се многу честа појава кај трудниците. Се јавуваат во второто и особено во третото тромесечие кога бебето со растењето ќе почне да притиска на ишијатичиот нерв. За да ги намалите болките бо грбот (болките од ишијатичниот нерв можете да ги чувствувате во долниот дел од половината, грбот и нозете) внимавајте на тоа да имате исправено држење (да не одите подгрбавено), кога кревате нешто не се виткајте во половината туку свиткајте ги колената, многу може да помогне ако кога спиете на страна ставите перница помеѓу колената или пак под стомакот. Во секој случај наместете ги перниците онака како што ви одговара вас. Постојат посебни перници за трудници кои ќе ви помогната не само при спиењето, туку и покасно при држењето на бебето за да го доите.
Проблеми со варењето на храната и киселини
Киселините се придружник на бременоста. Како што кажавме прогестеронот го опушта цело тело, а со тоа и хранопроводот, па е можно враќање на дел од киселините од стомакот. За да си помогнете јадете помали оброци, избегнувајте пржена храна, маснотии, по јадењето не легнувајте веднаш, кога спиете главата нека ви биде повисоко од торзото, намалете го внесот на кофеин итн.
Отекување
Во текот на бременоста во телото на жената е нормално да има зголемена количината на течности. Течностите и забавената циркулација доведуваат до отекување и отоците се нормален дел од бременоста. Сепак ако се случи нагло да отечете, итно појдете на лекар, можеби се работи за знаци на прееклампсија. Повеќе за знаците на прееклампсија прочитајте тука: Прееклампсија во бременоста, тоа е нешто со што треба да се запознае секоја бремена жена бидејки животот и на мајката и на бебето зависат од навременото реагирање. За да ги намалите вообичаените отоци избегнувајте солена храна (солта придонесува да дојде до задржување на течностите во организмот), избегнувајте да седите со вкрстени нозе, кога можете седете со нозете подигнати над висина на колената, избегнувајте да стоите во место и сл.
Грчеви во нозете
Грчевите се смета дека се јавуваат заради намалената циркулација и проток на крвта, како и притискот на матката врз нервите. Грчевите се остра болка и често се јавуваат во второто и третото тромесечие. Доколку ги имате известете го вашиот лекар, можеби ќе ви препише калциум или магнезиум. За да си ја намалите болката кога ќе се случи да добиете грч, свиткајте го стапалото, потегнете го палецот на ногата кон коленото и масирајте го листот на ногата со движења кон стапалото. За да ја намалите можноста да се јават грчеви пијте доста течности пред да си легнете полека истегнувајте го стапалото и повторете го тоа десетина пати, може да ви помогне топла бања пред одење во кревет. Повеќе за грчевите прочитајте тука: Грчеви во текот на бременоста.
Болки заради растегање на лигаментите на матката
Како што расте матката, така станува потешка. Лигаментите кои ја држат од тежината се растегаат и тоа може да предизвика остри болки. Ако почувствувате овакви болки седнете или легнете и длабоко дишете за да се опуштите, болките најчесто поминуваат во рок од неколку минути.