Болки во грбот во бременоста
Причини за болки во грбот
Болките во долниот дел од грбот, се една од непријатностите во бременоста. Причина за овие болки во бременоста се промените во држењето на телото и хормоналната рамнотежа. Трудничките хормони ги прават зглобовите и лигаментите поеластични и помеки, како подготовка за породувањето, но од друга страна ова не е добро за држењето на телото.
Втора причина за болките во грбот е промената на центарот на гравитација. Како што се зголемува стомакот и неговата тежина, така се менува и држењето на вашето тело додека стоите или одите, а тоа причинува притисок и болки во грбот.
За среќа, со помош на некои едноставни совети, како и менување на држењето на телото, бремените жени можат да ја намалат болката во грбот. Ова во исто време ќе им помогне и да го зајакнат грбот, што од друга страна ќе значи и помош при породувањето.
Како да си помогнете кај болки во грбот
- Одберете удобен пар на спортски патики или чевли со ниски потпетици, кои ќе ви дадат добра поддршка на сводот на стопалото. Ова е со цел да се ублажи притисокот, кој бремените жени често го чувствуваат на 'рбетот.
- Внимавајте на држењето на телото. Како што расте стомакот и се менува центарот на гравитација, обратете внимание на правилната положба. Внимавајте да стоите исправено, наместо да се навалувате наназад. Неправилното стоење и одење, ќе предизвикаат дополнителен напор за мукулите на грбот, а со тоа и болка. Внимавајте рамењата да ви бидат назад и опуштени надолу, а градите да бидат високо.
- Додека стоите подолго време, обидете се наизменично да го менувате стопалото на кое стоите. Користење на само едната нога, често ќе предизвика болки во задникот, како и долниот дел од грбот.
- Седете со нозете поставени повисоко од телото, на перница, така ќе се релаксира и грбот.
- Спиењето исто така е многу важно. Спијте легнати настрана и користете перници за да си дадете потпора на телото. На многу жени им одговара да спијат со перница, која е поставен меѓу колената. Можете и да се обидете да ставите перница, со која ќе го потпрете и стомакот.
- Вежбите во бременоста вможат да бидат од голема помош, а исто така и пливањето и вежбите на истегнување. Консултирајте се со вашиот лекар кои вежби можете да ги правите.
- Внимавајте да не качите преголема килажа, тоа покрај тоа што носи други здравствени ризици, ќе придонесе и за поголема болка во грбот.
- На некои жени им помага релаксација со топла бања. Ако не ви помага топлината, обидете се со смена на ладни облоги со мраз и топли облоги.
Болките во грбот се чести придружник на бременоста
Имајте на ум дека тапа болка во грбот може да биде и знак на предвремено породување, а остра болка може да биде знак на други проблеми. Ако сметате дека има потреба или нешто ви е сомнително, јавете се кај вашиот лекар.
Во случај да се работи за силни болки, кои не можете да си ги олесните, можеби ќе ви биде препишано и некое лекарство. Сепак додека сте бремени никогаш немојте да земате лекарства на своја рака. Иако постојат лекови кои смеат да се земаат во бременоста, многу од нив можат да му наштетат на бебето