Броење на феталните движења

Здравите бебиња вообичаено се активни бебиња. Броењето на движењата на бебето е лесен, едноставен, ефикасен и безбеден начин за да се провери нивната добросостојба. Со броење на феталните движења може да се види дали бебето доволно се движи или има некаков проблем.

Значителна промена во движењата на бебето може да укажува на потенцијални проблеми со бременоста и да даде простор за навремена интервенција пред воопшто да дојде до нарушување на чукањето на срцето. Со тоа понекогаш може да се спречи предвремено породување. Кога ситуацијата ќе дојде до нарушување на чукањето на срцето, веќе може да е доцна. Затоа прегледот со ултразвук не е замена за броењето на феталните движења.

Броењето на феталните движења се препорачува во случај на ризична бременост, но може да се применува кај секоја бременост почнувајки од 28-та седмица. Со броењето може навреме да се уочат можни проблеми кај бебето и евентуално да се спречи предвремено породување, а во исто време на мајката и дава можност за зближување со бебето.
 

 

Првите движења

 


Иако бебето се движи многу порано, првите движења мајката вообичаено почнува да ги чувствува помеѓу 18 и 25 седмица. Мајките со прва бременост поголема е веројатноста да ги почувствуваат движењата покасно и поблиску до 25 седмица, а ако се работи за втора, трета итн. бременост, веројатно дека движењата ќе ги почувствуваат порано и поблиску до 18 седмица.

Новите мајки обично на почетокот не се сигурни за што се работи. Често пати мислат дека се работи за гасови во стомакот. Најчесто мајките првите движења ги опишуваат како пукање на пуканка, движење на крилја на пеперутка и сл. Со текот на времето ќе научите да ги препознавате движењата на бебето.

На почетокот движењата не се приметуваат така често. Можеби еден ден ќе приметите неколку, а наредниот нема да забележите ниту едно. Тоа е сосема нормално.

Понатаму како бебето расте, движењата ќе ги чувствувате почесто и посилно. Нема некој шаблон по кој ќе се движат работите. Немојте да се грижите ако тоа што го чувствува вашата пријателка не е тоа што го чувствувате вие. Разликите се сосема нормални.

При крајот на бременоста како што просторот во матката ќе станува потесен, така и движењата на бебето ќе бидат поограничени. Наместо силни клоцања и превртувања, повеќе ќе чувствувате како бебето се протега или врти.

Многу жени најсилно ги чувствуваат движењата навечер кога ќе си легнат или ќе се смират.


Кога да се почне со броење на движењата


Броењето може да започне во седмиот месец, односно околу 28-30 седмица.
 


Како се бројат феталните движења
 


Пронајдете време од денот кога бебето е најактивно, а вие можете да одвоите неколку часа. Веројатно сте приметиле дека бебето е поактивно откако ќе јадете или ако сте поактивни.
 

  1. Наместете се во удобна положба. Некои мајки сакаат да седат со потпрен грб, а рацете да им бидат на стомакот, некои пак преферираат да лежат на левата страна. Лежењето на левата страна ја подобрува циркулацијата во матката, а тоа може да предизвика бебето да стане поактивно.
  2. За да биде бебето поактивно, можете претходно неколку минути да прошетате или нешто да каснете.
  3. Земете лист хартија, пенкало и часовник.
  4. Запишете го датумот и часот. Броењето правете го секој ден отприлика во исто време.
  5. Забележете го времето кога ќе го почувствувате првото движење и запишете го. Бројте го секое движење. За да не заборавите до каде сте, за секое движење пишувајте знак - на пример X. Кога ќе го почувствувате десетото движење повторно забележете го времето. На овој начин ќе имате увид колку време му треба на бебето за да направи 10 движења.
  6. Ако бебето не е многу активно (бебињата имаат и циклуси на сон, па ќе треба да го разбудите), станете, прошетајте, каснете нешто, напијте се сок или вода и почнете одново со броењето.

 

Броењето се прави секој ден.


Ако ги следите горните упатства, а не почувствувате 10 движења до крајот на вториот час јавете се кај вашиот лекар.

Во броењето на движењата вклучете ги сите движења: клоцање, превртување, потскокнување итн. Исклучок е икањето на бебето.

Најверојатно дека бебето ќе прави 10 движења за помалку од 1 час, можеби и за помалку од пола час. Она што е важно е да нема големи отстапувања во споредба со претходните неколку дена. Ако има значително намалена активност, јавете се кај вашиот лекар.

Еве како би можела да изгледа една листа:

Седмица
Понеделник    9:00  X X X X X X X X X X  9:45 мин. Вкупно: 45 минути
Вторник            9:00  X X X X X X X X X X  9:32 мин. Вкупно: 32 минути
Среда               9:00  X X X X X X X X X X  10:00  Вкупно: 1 час
Четврток          9:00  X X X X X X X X X X  11:00  Вкупно: 2 часа

Во четврток веќе има значителна разлика, во таков случај е потребно да се појде на лекар.
 


Кога да се јавите на лекар
 

  • Ако има помалку од 10 движења во еден час.
  • Ако има значителна промена во времето за кое бебето ги постигнало движењата.
  • Ако нешто ви е сомнително, слушајте ја вашата интуиција.

 

 

Ризична бременост 

 

  • Надносена бременост
  • Олигохидрамниоза или полихидрамниоза (малку или премногу плодова вода)
  • Проблеми со растот на фетусот
  • Повеќекратна бременост
  • Проблеми со плацентата
  • Висок крвен притисок
  • Дијабетес
  • Проблеми со срцето или бубрезите