Знаци на наближување на породувањето

Вашето тело може да започне да се спрема за породувањето цел месец пред тоа да се случи. Некои од знаците се јавуваат непосредно пред породувањето, но некои знаци можат да се јават неколку недели однапред.


Спуштање на бебето


Пред да се случи породувањето бебето се спушта ниско во стомакот на мајката. Ова спуштање може да се случи неколку недели или неколку часа пред да започне породувањето. Кога бебето ќе се спушти ќе имате зачестена потреба за мокрење затоа што тоа посилно ќе притиска на бешиката, а може да чувствувате и притисок на пелвисот. Во исто време притисокот на вашите ребра ќе се намали, па ќе можете полесно да земате здив.


Паѓање на мукузниот чеп


Мукозниот чеп служи за матката да биде запечатена и бебето да биде заштитено од инфекции. Пред породувањето, како што почнува да се отвора грлото на матката, така почнува да се разлабавува и мукозниот чеп. Мукозниот чеп може да биде прозирен, розеникав или пак да има и малку крв. Неговото паѓање може да се случи неколку часа пред породувањето, но понекогаш и 1-2 недели порано. Мукозниот чеп понекогаш паѓа наеднаш како грутка, а понекогаш може полека да истече како исцедок.


Пролив и мачнини


Пред почетокот на породувањето телото мине низ хормонални промени и подготовка за раѓањето. Подготовката може да биде пропратена со грчеви во стомакот, мека столица и мачнини. Цревата природно се празнат и омекнуваат за да биде олеснето излегувањето на бебето. Ова може да се случи неколку дена или неколку часа пред раѓањето.


Породилни болки


Породилните контракции секоја жена ги чуствува различно, па дури различни се кај 2 бремености кај една иста жена. Некои жени контракциите ги опишуваат како силни менструални болки. Обично породилните болки се како тапа болка во долниот дел од грбот и долниот дел од стомакот, придружени со чувство на притисок на пелвисот. За разлика од брекстон-хиксовите контракции (лажните породилни болки или лажните контракции - кои се јавуваат во третото тромесечие како припрема за породувањето) вистинските породилни контракции не се намалуваат со промена на положбата, се јавуваат во редовни временски интервали и стануваат се поинтезивни и позачестени. Породилните контракции се движат како бран, почнувајки од врвот на матката, па одејки надолу до врвот. На почетокот вообичано се јавуваат на 15-20 минути и се поблаги, а како мине времето стануваат се поинтезивни, поредовни и времето помеѓу две контракции се повеќе се скратува. Во стадиумот на активно породување обично контракциите се интезивни, траат по 45-60 секунди и се јавуваат на растојание од 3-4 минути.


Пукање на водењакот


Пукањето на водењакот е пукање на околуплодовите обвивки, кои се исполнети со водата што го опкружува бебето. Кога ќе пукне водењакот течноста истекува низ вагината. Понекогаш истекува наеднаш големо количество вода, а понекогаш истекува постепено. Течноста најчесто е без мирис и е безбојна или има светло жолтеникава боја. Кај повеќето жени прво се јавуваат породилните контракции, па потоа пука и водењакот. Вообичано по неговото пукање и болките стануваат посилни. Сепак може да се случи прво да пукне водењакот, а тоа е знак дека набрзо следи породувањето. Доколку водењакот пукне, а контракциите сеуште не започнуваат се индуцира породувањето за да се спречи инфекција.

Кога ќе дојдете до овој стадиум, времето кога ќе го добиете во вашите раце најубавиот подарок е многу кратко.