Воспаление и крварење на непцата во бременоста

Околу половина од бремените жени се жалат на крварење, отеченост, чувствителност или болка во непцата. Воспалението на непцата (гингивитис) во бременоста се јавува како резултат на зголеменото количество прогестерон и зголеменото циркулирање на крвта низ телото. Состојбата најчесто се влошува во второто тромесечие.


Гингивитисот сам по себе не е многу опасен, но ако не се третира навреме може да премине во парадонтитис, однсно оштетување на ткивото кое ги држи забите и коските под нив. Парадонтитисот е сериозна состојба и може да доведе до губење на забите, затоа е многу важно навреме да се интервенира.


За влијанието на воспалението на непцата врз бременоста и бебето има поделени мислења. Некои испитувања покажуваат дека може да дојде до предвремно породување (шансите кај жени со парадонтитис за предвремено породување се дури за 7 пати поголеми), прееклампсија и други компликации. Една студија дури има покажано поврзаност на смрт на фетусот со бактерија од устата кај мајката. Некои пак сметаат дека гингивитисот не е опасен. Во секој случај ако се појави многу важно е да се третира, а уште подобро е ако се спречи неговата појава.

Покрај гингивитис во бременоста иако ретко може да се појави и израсток на непцата (тумор), но не се работи за нешто опасно и најчесто се повлекува сам од себе по породувањето.


Еве некои работи кои можат да помогнат да не дојде или да се подобри состојбата кај гингивитисот:

  • Мијте ги забите барем 2 пати дневно, иако за многу трудници покрај мачнините ова е многу тешко барање. Оралната хигиена е многу важна во бременоста.
  • Користете паста за заби наменета за чувствителни непца, веројатно и вашиот стоматолог ќе ви препорача некоја. Четката за заби нека биде мека. При миењето на забите бидете темелни, но не и агресивни.
  • Доколку можете еднаш дневно чистете ги забите со конец за чистење. Употребата на конецот може да биде од голема помош при одржување на хигиената во устата и спречување на  воспаление на непцата.
  • По повраќањето добро исплакнете ги забите, стомачната киселина може да ги нагриза и да доведе до полесно расипување.
  • Појдете на контрола кај вашиот стоматолог и обавезно кажете му дека сте бремени. Ако има потреба ќе го исчисти забниот камен, кој предизвикува гингивитис. Во бременоста се избегнува рентгенско снимање.
  • Пијте Ц витамин, тоа ќе ги зајакне вашите непца.
  • Пијте јогурт и јадете млечни производи, така ќе примате калциум кој е потребен за цврстината на коските и забите.
  • Избегнувајте да јадете слатки, тоа може да ја влоши ситуацијата.

Најчесто по породувањето состојбата со непцата сама по себе се нормализира.  Доколку тоа не се случи ќе добиете препораки од вашиот стоматолог.