Совети за намалување на болки при породување
Немојте да се плашите од породувањето
Стравот е голем непријател на породувањето, постои поврзаност помеѓу стравот и болката. Ефикасноста на мускулите на матката зависи од заедничкото содејство на хормоните, циркулацијата и нервниот систем. Стравот ја пореметува рамнотежата на нивното заедничко усогласено делување, а тоа води до подолго и поболно породување.
Докажано е дека стравот и загриженоста предизвикуваат ослободување на хормони кои со своето делување се спротивни на хормоните кои помагаат при раѓањето. Познато е дека стравот може за извесно време да го прекине веќе започнатото породување. Ова е во природата не само на човекот, туку и на животните и има своја логика. Кога при породувањето навистина би се појавила некаква опасност, прекинувањето на породувањето ќе и даде време на мајката за да се префрли на безбедно место.
Стравот предизвикува и физиолошка реакција која ја намалува циркулацијата на крв во матката, а со тоа и доводот на кислород. Последица на намалениот кислород е брзо замарање и болка во мускулите.
Многу студии покажуваат дека жените породувањето често пати го доживуваат така како што си го замислиле.
Оние жени што мислат дека нема да можат да го издржат без анестезија, најчесто и не можат да го издржат. Оние што сметаат дека нема да им помогнат природните техники, како дишењето, најчесто навистина немаат помош од нив. Загриженоста заради болката била чест индикатор за тоа дека жената породувањето ќе го доживее како негативно искуство.
Оние жени кои на породувањето (заедно со пропратните чувства) му пристапуваат како на нешто природно, за што се опремени, и покрај болката најчесто го доживуваат како осилувачко и позитивно искуство.
Препознајте ги вашите стравови поврзани со породувањето
Седнете и напишете што е тоа што ве плаши. Дали е тоа болката, дали можеби сте имале лошо искуство со претходно породување, дали се плашите дека ќе има потреба од царски рез, дали се плашите од епизотомијата, нешто да не не биде во ред со бебето итн.
Откако ќе го препознаете вашиот страв, размислете на кој начин би можеле да ја избегнете таа ситуација. Сфатете дека врз некои работи сепак немате никакво влијание и одлучете да не се грижите за она што не можете да го промените. Оптимистичкиот став, полн со доверба е исклучително важна работа.
Информирајте се колку можете повеќе за породувањето
Колку повеќе ќе ви бидат познати работите, толку помалку ќе се плашите. Стравот од непознато не е за потценување.
Ако разберете зошто и како се случуваат нештата во процесот на породувањето, ќе ви биде полесно да ги прифатите. Информираноста ќе ви помогне да не се изненадите од она што ќе се случува за време на породувањето и фазите низ кои ќе минете. Секое породување е различно дури и кај една иста жена и не е можно точно однапред да знаете како ќе течат работите, но сепак има нешта кои се заеднички за секое породување.
Научете што се контракции, што значат тие, научете како влијае положбата што ќе ја завземете при контракциите итн.
Избегнувајте да мислите на негативните искуства од минатото
Сфатете дека нема две идентични породувања и дека ако нешто се случило некогаш или некому, во никој случај не значи деа пака се случи. Одлучете да не го носите со вас багажот од минатото.
Превземете одговорност за вашето породување
Иако безболното породување е навистина реткост, сепак врз голем дел од болката самите ќе имате влијание ако сте спремни за тоа.
Научете како да се опуштите при породувањето
Ова е навистина многу важно. Породувањето ќе оди многу полесно и ќе се забрза ако сите мускули во телото се опуштени, а само матката се контрахира. Ако постои тензија во другите мускули, особено на лицето и вратот, таа ќе се прошири до пелвичните мускули, кои пак треба да бидат опуштени за време на контракциите. Хемиските промени во исцрпените мускули од тензијата, го намалуваат прагот на болка. Кога стегнатите мускули ќе се соочат со непопустливите контракции на матката резулататот е болка.
Исцрпените мускули го исцрпуваат и умот, зголемувајки ја свесноста за болка и намалувајки ја способноста да се поднесе.
Ако вашиот став кон породувањето е негативен, ќе имате намалена доверба во вашето тело и проблеми со опуштањето. Многу важно е да разберете дека породувањето е совршено пророден процес, а вашето тело знае како да го направи тоа.
За време на породувањето има 2 групи на хормони кои го помагаат. Првата група се адреналните хормони или хормоните на стрес. Тие му даваат на телото дополнителна сила за да се справи со ситуациите кои бараат поголем напор. За време на породувањето тие и помагаат на жената да има повеќе сила, но ако ги има премногу можат да го направат породувањето помалку ефикасно и да ја насочат крвта наместо во матката во други органи, како мозокот, срцето и бубрезите.
Ендорфините пак се природни хормони кои ги создава телото за намалување на болката. Тие се природните наркотици. Нивното име ендо - доаѓа од таму што се ендогени, односно се создаваат природно во телото и морфин - што значи дека се хемикалли кои ја блокираат болката. Ендорфините се произведуваат во нервните клетки, тие се поврзуваат за рецепрорите за болка и ја пригушуваат или ја блокираат болката.
Ендорфините најмногу се ослободуваат во втората фаза од породувањето кога и контракциите се најинтензивни. Ако сте опуштени ќе им дозволите да си ја работат својата работа. Грижата, напнатоста и стравот пак можат да го зголемат лачењето на хормоните на стрес и да го ослабат дејството на ендоморфините. Многу важно е да се обидете да бидете опуштени барем помеѓу 2 контракции.
Ендоморфините го стимулираат и производството на пролактин - хормонот кој го регулира производството на млеко и дава психолошко задоволство од мајчинството.
Прочитајте за техниката на прогресивно опуштање.
Одберете стручно лице во кое имате доверба
Распрашајте се какви ставови има вашиот лекар околу породувањето. Дали ви помага да му пристапите опуштено на породувањето, дали ве охрабрува дека вашето тело е опремено за породувањето, или пак и самиот има плашлив став. Запомнете дека стравот е заразен и дека не е добро во родилната сала да бидете опкружени со луѓе со плашлив дух. Ова важи и за луѓето кои сакате да бидат со вас за време на породувањето.
Подгответе го вашиот сопруг за она што се случува при породувањето
Многу идни татковци не се снаоѓаат добро во ситуација кога нивната парнерка е во болка, а тие се беспомошни. Помогнете му да сфати дека тие болки се начин да дојде на свет вашето бебе.