Синдром на немирни нозе во бременоста
Што е синдромот на немирни нозе
Луѓето со синдром на немирни нозе чувствуваат некотролирана потреба да мрдаат со нозете за да си го олеснат чешањето, скокоткањето, лазењето или печењето кое го чувствуваат во нозете. Според некои статистики се јавува кај околу 20% од трудниците, особено во последните месеци од бременоста.
Немирот се чувствува кога телото ќе се смири: пред заспивање, по подолго седење и сл, а се влошува навечер. Некои жени чувствуваат немир дури и во рацете. Со размрдување на нозете доаѓа олеснување, но само привремено, кога ќе се смирите повторно се јавува. Понекогаш дури може да разбуди и од сон.
Синдромот знае да биде навистина многу непријатен и вознемеирувачки. Колку е поголем уморот, поголеми се и симптомите. Колку се поголеми симтомите, толку помалку спиете и сте поуморни. Работите се вртат во круг. Добрата вест е тоа што ако синдромот започнал во бременоста, најверојатно ќе заврши 2-4 седмици по породувањето.
Постојат повеќе теории за тоа зошто се јавува синдромот, но се уште не може да се каже со сигурност точната причина. Некои сметаат дека се јавува заради недостаток на железо, други сметаат дека се јавува заради недостаток на фолати, трети сметаат дека се јавува заради хормоналните промени итн. Кај половина од жените со синдром на вознемирени нозе веќе имало негова појава во семејството.
Како да си помогнете ако имате немирни нозе
Постојат лекарства кои помагаат за смирување на синдромот, но тие се штетни во бременоста и не се препорачуваат. Она што можете да го направите за да си помогнете е следното:
- Разговарајте со вашиот лекар за земање на дополнително железо (железото често пати им помага и на жени кои не се анемични во смирувањето на синдромот).
- На некои жени им помагаат студени облоги или пак топла или ладна купка за нозете.
- Обидете се со туширање, водата нека ви удира на долниот дел од грбот и нека се слева по нозете.
- Масажа, вашиот партнер нека ви ги измасира стопалата или листовите.
- Истегнувајте ги нозете пред да си легнете, можете да правите и вежби со стопалата.
- Избегнувајте кофеин и антихистамини затоа што можат да ги влошат симптомите.
- Избегнувајте да си легнете долго време пред да заспиете и избегнувајте да гледате телевизија пред легнување, така ситуацијата може да се влоши заради подолгото мирување пред да си легнете.
- Избегнувајте да ги преоптоварувате нозете во текот на денот.
Најверојатно нешто од погоре набројаните работи ќе ви помогне и вам, ако навистина ништо не помага, утеха е тоа што симптомите ќе исчезнат по породувањето.