Промени во првото тромесечие од бременоста

Промени на градите

Градите се подготвуваат за доење на бебето, па тие во бременоста претрпуваат големи промени. Зголеменото количество на естроген и прогестерон прави градите да бидат потечени, болни и чувствителни. Добар градник кој ќе дава добра потпора е далеку од луксуз, тоа ќе ви ја намали непријатноста.

Ареолите (темните кругови околу брадавиците) се зголемуваат, потемнуваат и можеби ќе приметите на нив мали топчиња (тоа се всушност зголемени потни жлезди). Зголемената циркулација на крв може да предизвика појава на плавкасти вени на градите. Чувствителноста на градите обично се намалува после третиот или четвритот месец.  
 

Умор

Уморот е вообичаен придружник на бременоста. Бременоста бара голем физички и емотивен напор. Многу жени во првото тромесечие чувствуваат исцрпеност, дури и после долго спиење, ова нека не ве загрижува.

Кога ќе почувствувате умор, одморете се. Ако чувствувате стрес, обидете се да најдете нешто што ве опушта. Спиењето можете да си го олесните со тоа што ќе спиете на левата страна, тоа ќе го помогне снабдувањето на бебето со крв. Користете перници за да си помогнете да завземете најудобна положба.

Ако се чувствувате исцрпени, не се пренапрегајте, дозволете му на вашето тело да се прилагоди на зголемените потреби во брмеменоста. Еве неколку совети како да си помогнете за да го намалите уморот:
 

  • Погрижете да имате барем 8 часа сон во текот на ноќта.

  • Јадете здрава, разновидна храна. Уморот може да се јави и заради недостаток на железо, протеини или недостаток на калории.

  • Прошетките можат да ви помогнат да го намалите чувството на умор.

  • Внимавајте на тоа да не седите во загушлива просторија, секогаш воздухот нека биде проветрен.

 

Промени на расположението во бременоста

Хормоналните промени во бременсоста можат итекако да влијаат врз расположението на трудницата. Емоциите можат да бидат многу променливи, во еден момент можеби ќе плачете, а во следниот да се смеете. Сето ова е вообичаено во бременоста. Можат да се менуваат страв, радост, возвишеност итн.

 

Гадење и повраќање во бременоста

 

Хормоните се виновни и за мачнините, гадењето и повраќањето. Зголеменото количество на хормони, опуштеноста на системот за обработка на храната, зголеменото чувство за мирис, киселините итн. лесно ги предизвикуваат мачнините. Сепак некои жени ќе ја поминат бременоста без нив. Запомнете дека иако се викаат утрински мачнини, можат да се јават во било кое време од денот. Повеќе за гадењето и за тоа како да си помогнете со мачнините прочитајте тука: Мачнини во бременоста

 

Зачестено мокрење

 

Ова е уште еден неодминлив дел од бременоста. Зголемената матка притиска на бешиката и тоа ги зачестува посетите на тоалетот, но во исто време во телото имате зголемена количина на течности, па тоа уште повеќе го зголемува проблемот. Честото мокрење би требало да се намали околу четвртиот месец, со поместувањето на матката нагоре, а потоа повторно ќе се врати во третото тромесечие кога бебето ќе се спушти надоле.

Совет: Кога мокрите обидете се да се наведнете напред, така ќе биде полесно да ја испразните целата бешика и ќе ги намалите посетите на тоалетот.

 

Киселини и подуеност во бременоста

 

Киселините и подуеноста се многу чест приружник во бременоста. Хормоните го опуштаат системот за варење на храната и со тоа ја успоруваат нејзината обрработка. Исто така се опушта и прстенестиот мускул кој го одвојува желудникот од хранопроводот. Ова пак прави киселините да се враќаат во хранопроводот и на нежната слузокожа на хранопроводот се чувствува печење. За да си помогнете јадете помали оброци, избегнувајте пржена храна, маснотии, по јадењето не легнувајте веднаш, кога спиете главата нека ви биде повисоко од торзото, намалете го внесот на кофеин итн.

Тука можете да прочитате повеќе за подуеноста: Подуеност и гасови во бременоста.