Бремена и дотерана

Тоа што сте бремени во никој случај не значи дека не можете да бидете убаво облечени. Со малку планирање можете да изгледате убаво и без да потрошите цело богатство.

Она што е заедничко за речиси сите трудици е тоа дека при крајот на првото тромесечие старата облека веќе станува тесна. Наместо да се впуштите во импулсивно купување на нова облека добро е прво да размислите што сакате да носите, што ви е потребно и да направите список на работи кои ќе треба да ги набавите.

bremenost trudnica

Купувањето на новата облека нека биде уште еден дел во кој ќе уживате во бременоста. Секоја жена си има свој стил и вкус за облекување, па ќе треба новата облека да ја прилагодите на вашите желби и потреби. Еве неколку совети:

  1. Купувајте трудички алишта (пантолони, сукњи и сл.) кои се направени така да можат да се попуштаат со каиши или со ластик како што ќе расте и вашиот стомак.
  2. Имате голем избор на широки маици, широки кошули (подолги или пократки), залепени маици и блузи од растеглив материјал  итн., само треба да го изберете она што се вклопува во вашиот вкус.
  3. Хеланките ќе можете лесно да ги вклопите со разни маици и кошули.
  4. Тоа што сте бремени не значи дека не можете да имате и елегантен труднички фустан. Постојат разни модели на фустани и здолништа за трудници.
  5. Трудничките џинс пантолони се многу практични и ќе можете да ги комбинирате со разни маици и кошули, а ќе избегнете непотребно купување на повеќе долни алишта. Тие се практично незаменливи за секоја трудница.
  6. Секогаш обрувајте внимание на удобноста на алиштата кои ги носите и купувате. Бременоста не е период кога се трпи заради убавина, вие сте секако убави, а бременоста особено во последното тромесечие секако знае да донесе и непријатности со себе. Носете комотна и удобна облека, без да си додадете непотребна неудобност.
  7. Откако ќе се погрижите за удобноста, погрижете се и за тоа да ви се допаѓа облеката која ја носите. Денес има на располагање голем избор на трудничка облека за сечиј вкус и џеб. Сигурно ќе најдете и таква која ви се допаѓа вам.
  8. Не купувајте наеднаш по многу парчиња облека затоа што за кратко време ќе ви стануваат тесни. Купете неколку,  она што ви е потребно во моментот, а како расте стомакот докупувајте според потребите. Ќе се изненадите за колку кратко време алиштата можат да ви станат веќе не така удобни како што биле.
  9. Побарајте што има во плакарот на вашиот сопруг, сигурно ќе најдете маици кои добро ќе се вклопат со вашиот стомак, а вие ќе заштедите.
  10. Не мора да ја платите полната цена, на распродажба можете да најдете квалитетни парчиња по достапни цени.
  11. Трудничката облека не се носи долго време, па најчесто парчињата остануваат добро сочувани. Можеби ќе можете да искористите облека од некоја пријателка или некоја блиска роднина, можеби од вашата сестра.
  12. Она на што треба да обратите внимание и да не штедите на него е квалитетен градник. Градите во бременоста трпат големи промени, па ќе ви биде потребен градник кој ќе им дава добра потпора. Не купувајте градници со жици, ниту од вештачки материјали. Купете такви градници кои ќе им даваат на градите добра потпора, но во исто време нема да ве стегаат и ќе бидат удобни.
  13. Кога ќе решите да купите градник за доење имајте впредвид дека ќе треба да земете 1-2 броја поголем градник од најголемиот кој сте го носеле во бременоста.
  14. За другиот веш не мора да правите големи инвестиции, важно е да биде од природен материјал и да ви биде удобен. Некои трудници сакаат подлабок веш, некои поплиток и помал, но најважно е вие да се чувствувате удобно во него.
  15. Што се однесува до обувките нивниот избор ќе зависи секако од временската сезона, но задолжително треба да бидат удобни. Кон крајот на бременоста  заради отеченоста можеби ќе треба да носите 1-2 броја поголеми обувки од вообичаено. Внимавајте обувките да можете да ги облекувате со леснотија. Немојте да купувате обувки со комплицирани закопчувања затоа што ќе имате проблем  да ги облекувате.