Промени на кожата во бременоста
Кожата во бременоста е почувствителна, не само заради хормоните, туку и заради растегањето. Ако сте имале егзема, може да стане поизразена. Кожата може да стане почувствителна на сапуни, детергенти, парфеми, сонце итн. Ако приметите дека некој препарат предизвикува реакција на кожата престанете да го користите, бременоста е период кога е потребно прилагодување на новата ситуација во телото.
Вообичаени промени на кожата во бременоста
Еве ги најчестите промени кои се јавуваат на кожата на бремената жена:
Труднички сјај
За трудниците често пати се вели дека сјајат, ова не е само сентиментална изјава. Сјајот на кожата во бременоста си има своја биолошка позадина. Зголемениот волумен на крв во телото и дава на жената привлечно црвенило на образите, а зголеменото лачење на масти и дава на кожата восочен сјај. Поголемиот волумен на течности прави да се измазнат ситните нерамнини на кожата и сето тоа ја прави кожата посјајна.
Трудничка маска
Понекогаш во второто тромесечие се јувува така наречената трудничка маска или хлоазма. Кафејавкасти или жолтеникави траги можат да се приметат најчесто на челото, образите и брадата, понекогаш може да се појават и на носот. Ова се јавува затоа што зголеменото производство на естроген и прогестерон предизвикува зголемено лачење на пигменти во телото на трудницата, односно телото на жената лачи повеќе меланин. Кај жените со потемен тен често пати се појавуваат и темни кругови околу очите. Трудничката маска не можете да ја спречите да се појави, но со избегнување на сонце ќе го намалите нејзиниот интензитет. Друго нешто што можете да направите за да не биде толку изразена е да користите крема за заштита од сонце со висок заштитен фактор, факторот нека биде барем 15.
Акни
Појавата на акни е честа во бременоста, како и за речиси сите труднички проблеми причина и за акните се хормоните. Хормоните предизвикуваат зголмено лачење на маснотии од жлездите во кожата. Можеби ќе се потсетите на адолесцентските денови, но немојте да се грижите, бременоста ќе помине побрзо. Некои средства против акни предизвикуваат дефекти кај плодот, затоа избегнувајте ги. Она што можете да направите е да обратите внимание на хигиената на кожата, немојте да употребувате абразивни пилинзи - кожата во бременоста е премногу чувствителна за нив.
Линеа негра
Кај некои жени и кога не се бремени постои светла линија (иако можеби никогаш не ја приметиле) која се протега од папокот до пубичната коска. Во бременоста оваа бела линија често пати пигментира и потемнува. Таа линија се нарекува линеа негра и најчесто се протега и над папокот. Пигментацијата најчесто исчезнува неколку месеци по породувањето.
Темните делови потемнуваат
Ако имате темни флеки, белези, бемки и сл. во бременоста заради вишкот на пигменти, тие веројатно ќе станат потемни, а можно е и да се појават нови бемки. Ако приметите нешто невообичаено (неправилна форма, испакнатини и сл.) консултирајте се со дерматолог. Помеѓу деловите кои потемнуваат се и брадавиците на градите и ареолите, односно темните кругови околу нив. За разлика од другите пигментирани делови кои најверојатно ќе се вратат во нормала, ареолите веројатно ќе останат потемни и по породувањето.
Распукнување на кожата - стрии
Со ширењето на кожата доаѓа до оштетување на еласитчното ткиво и негово пукање. Ако сте склони кон стрии, веројатно дека нема да можете да направите ништо за да и избегнете. Можете да користите креми кои ќе го намалат нивниот интензитет, но ефикасноста на кремите сеуште не е докажана. Она што може да помогне е да не качите повеќе од препорачаната тежина во бременоста. Повеќе за стриите прочитајте тука Појава на стрии во бременоста.
Црвени дланки и стопала
Често пати уште од вториот месец од бременоста дланките и долниот дел на стопалата можат да почнат да ве чешаат и да добијат црвена боја. Ништо страшно, тоа е уште една промена која доаѓа и си оди со бременоста.
Пајакови вени
Хормоните во бременоста го големуваат волуменот на крвта, а во исто време ги прават крвните садови да бидат почувствителни. Тоа може да предизвика вените и капиларите кои се наоѓаат на површината на кожата да станат видиливи како плавкасто-розикави линии. Многу често се јавуваат на образите или вратот. За да ја намалите шансата да дојде до нивна појава, избегнувајте големи температурни промени. За време на породувањето често пати од напнувањето можат да се појават испукани капилари и на очните јаболка. Можеби ќе помине малку повеќе време за да исчезнат.
Израстоци на кожата
Често пати на кожата во бременоста заради хиперактивниот раст на површинскиот слој на кожа се појавуваат мали полипи. Најчесто се појавуваат на местата на кои кожата се превиткува, на пример под паузвите, под градите и сл. Исчезнуваат неколку месеци по породувањето.
Црвенило и воспалување
Кај трудниците често се јавува црвенило заради комбинацијата од топлината, потењето и иритацијата на кожата. Црвенилото често се јавува каде што се допира долниот дел од стомакот со пубичната коска, под градите и на внатрешната страна на бедрата. Симпомите се влажна, зацрвенета кожа, понекогаш можат да се јават пликови и непријатен мирис. Обидете се кожата да ја одржувате колку можете посува, може да помогне користењето на талк и секогаш носете памучна облека. Ако состојбата не може да се смири, консултирајте се со вашиот лекар, можеби се работи за некоја габна инфекција. Ако има инфекција треба да се исчисти до породувањето, затоа што може да се пренесе на бебето.
Чешање на кожата
Чешањето на кожата е присутно кај многу трудници. Чешањето се јавува заради сувата кожа, заради иритираното црвенило, заради растегањето на кожата на стомакот, бедрата итн. Може да биде многу здодевна работа, но не е опасно. За да го намалите чешањето користете хидратантно млеко за стомакот и градите, внимавајки на тоа да е препоорачано за трудници. Избегнувајте да се туширате со жешка вода, затоа што тоа ќе ја исуши кожата уште повеќе.
Нафрланост на кожата
Кај 1% од трудниците се појавува нафрланост на кожата. Се појавуваат црвени брунки на стомакот, бедрата, бутовите, рацете и нозете. Најчесто се јавуваат во втората половина од бременоста и исчезнуваат кратко по породувањето.
Попуштени вени
Попуштените вени се многу чести во бременоста. Ако имате во фамилијата некој близок со попуштени вени, веројатно тешко дека ќе избегнете и самите. Можете да сторите нешто за да ги намалите шансите за да се појават:
- Избегнувајте подолго време да стоите во место.
- Шетајте за да и помогнете на крвта да се врати кон срцето.
- Кога седите качете ги нозете на столче.
- Избегнувајте да седите премногу долго со спуштени нозе.
- Земајте Ц витамин, тоа ќе биде добро и за вашите непца.
- Избегнете да ставите преголема тежина во бременоста.7
Сериозни состојби
Понекогаш промените на кожата можат да бидат дел и од некое сериозно нарушување. Јавете се кај вашиот лекар ако:
- Ако имате силно чешање или промени на бојата на кожата придружени со болка, разранетост, црвенило, пликови и сл.
- Ако мислите дека треба да појдете на лекар - слушајте ја вашата интуиција.
- Ако приметите промена на некоја бемка, големина, форма, неправилни граници и сл.
Постојат нарушувања кои можат да остават последици врз бременоста и бебето, такви се:
Интрахепатична холестаза во бременоста
Смптомите се силно неподносливо чешање, особено во третото тромесечие. Тоа може да биде знак на трудничка интрахепатична холестаза - нарушување на функционирањето на црниот дроб, што се јавува исклучиво во бременоста, кај 2% од трудниците. Други симптоми се гадење, повраќање, губење на апетитот, жолтило итн. Може да предизвика предвремено породување и да има последици врз бебето. Нема да остави последици врз мајката. Исчезнува со породувањето.
Папуларен дерматитис
Симптомите се интезивно чешање, подигнати точки кои личат на убод од инсект, потоа на местото се јавуваат красти. Не се групирани во групи и се јавуваат по целото тело. Може да се јави во било кој период од бременоста и исчезнува во породувањето. Не остава никакви компликации врз мајката, но некои студии покажувааат зголемена смртност кај бебињата. Се третира со високи дози на кортикостероиди.
Гестациски херпес
Гестацскиот херпес е ретко заболување во бременоста и не е поврзан со вирусното заболување херпес. Симптомите се: умерено или силно чешање, нафрланост од различен тип (црвени точки или испакнатини, пликови исполнети со течност). Вообичаено се јавуваат на стомакот, особено околу папокот и на рацете и нозете, често пати и на дланките и долниот дел од стопалато, а може и по целото тело. Најчесто се јавува во 4-иот или 5-иот месец од бременоста, но може и покасно. Може да има сериозни компликации, кај мајката може да дојде до оштетување на бубрезите (оштетувањето може да се дијагностицира со присуство на крв и протеини во урината), бебето пак може да се роди со болеста, но исчезнува по неколку седмици. Се третира со земање на кортикостероиди, а се покажало дека е ефикасен и Пиридоксинот.
Impetigo Herpetiformis
Симптомите се создавање на мали пликови полни со гној, кои се собрани во гроздови. По неколку дена се сушат и се појавува краста, тогаш на рабовите на старите исушени пликови се појавуваат нови. На заболената површина може да се појави умерено чешање, чувство на печење на кожата и опаѓање на влакната. Болеста е придружена со треска, повраќање, пролив и болка во зголобовите. Обично пликовите прво се појавуваат под пазувите, зад колената и на превојот на лактите. Може да се појави и во устата и гениталиите и тогаш има изглед на сивкава рана (плиток чир). Најчесто се јавува во третото тромесечие. Ако не се третира соодветно може да предизвика и смрт кај мајката. Многу важна е навремена дијагноза и соодветна терапија. Добри резултати се добиваат со користење на адрено-кортико-тропен хормон, кој го потикнува телото да создава повеќе стероиди.