Шеснаесетта седмица од бременоста

Што се случува во оваа недела од бременоста?

Мајката:

Можеби за прв пат ќе ги почуствувате движењата на бебето, особено ако ова не ви е прва бременост или ако сте слаби.

Ако се работи за прва бременост, или имате зголемена телесна тежина, првите движења може да ги почуствувате и неколку недели покасно. Не се грижете заради тоа.

Многу честа е појавата на значително зголемено чувство за мирис, како и затнат нос или крварење од носот. Ова може да се случува заради зголеменото количество крв во вашето тело. Сепак проверете кај вашиот лекар да не се работи за зголемен крвен притисок.

Како што расте бебето, така може да се засилуваат болките во стомакот. Вашите гради продолжуваат да растат, а понекогаш можеби ќе забележите и исцедок, односно првото млеко или колострум. Сето ова е совршено нормално. Често пати градите може да бидат многу болни на допир.

Совет: Второто тромесечие обично ви остава време во кое се чувствувате добро. Некои жени го искористуваат за да заминат на одмор. Сепак ако се решите за патување, задолжително советувајте се со вашиот гинеколог. Имајте на ум дека ова не е време за авантури.

Бебето:

Понекогаш во ова време, на ултразвук може да се забележи полот на детето, иако е се уште многу рано.

Вашето бебе сега ја празни бешиката на секои 40-45 мин.

Движењата се многу чести и се се покоординирани. Нозете веќе се подолги од рацете.

На лицето на вашето бебе може да се видат разни гримаси. Кожата е се уште прозирна и се гледаат вените.

Просечната должина е од 14-16 см, а тежината од 85-110 грама.

Таткото:

Ако отидете повторно на редовната контрола со мајката, ќе видите колку многу работи се смениле кај Вашето бебе.

 

bremenost nedeli 16

Бебе во 16-та седмица на бременост