Губење на здив во бременоста

трудница

Околу три четвртини од сите трудници доживуаат губење на здив во бременоста. Понекогаш се задишувате или не можете да земете здив. Кратка прошетка може да ве натера да дишете како натпреварувач, кој трчал на трка од 100 метри. Тоа е нормално во бременоста.

За време на бременоста ви е потребна поголема количина на кислород. Сега не само што треба да обезбедите кислород за самата себе, туку и за бебето.

Хормонот прогестерон во бременоста е заслужен за вашето губење здив. Тој влијае врз белите дробови и центарот за дишење во мозокот за да го зголеми вашиот капацитет за примање кислород, но наместо дишењето да биде олеснето, станува потешко. Понекогаш краткиот здив се јавува уште во првото тромесечие во бременоста, кога телото се обидува да се навикне на новото ниво на хормони.

Сепак, отежнатото дишење најчесто се јавува во понапредната бременост, кога зголемената матка притиска на другите органи. Притисокот на матката и другите поместени органи врз дијафрагмата прави да се намали просторот за белите дробови, па нормално дека дишењето ќе ви биде потешко.

Кога ќе дојдете до последните недели од бременоста најчесто дишењето се олеснува, затоа што бебето се спушта пониско во стомакот, па притисокот врз белите дробови е многу помал.


Како да си помогнете


Иако нема медицинска причина за загриженост, сепак губењето на здив и отежнатото дишење во бременоста не се пријатна работа. За да си помогнете обидете се да ги следите следните совети:

  • Јадете здрава, балансирана храна. Преголемото качување на тежина може да ги зголеми потешкотиите со дишењето во бременоста. Јадете многу овошје и зеленчук, особено зелен лиснат зеленчук и пијте доволно вода. Водата е многу важна за целата ваша добросостојба, како и добросостојбата на бебето.
  • Обидете се да имате добар став. Ако грбот и рамениците ги држите исправени, ќе имате повеќе место за белите дробови.
  • Не се напрегајте. Ако почувстувате дека губите здив, седните неколку минути и одморете се.
  • Во моментот кога губите здив можете да ги дигнете рацете. Тоа привремено ќе ви овозможи да се намали притисокот врз ребрата и ќе можете да дишете полесно.


Отежнатото дишење во бременоста е нормално и нема да му наштети на бебето, тоа си прима доволно кислород преку плацентата.

Сепак, во некои случаи проблемите со дишењето можат да укажуваат на посериозни здравствени проблеми. Јавете се кај вашиот лекар ако имате некој од следните симптоми:

  • Сина нијанса околу прстите на рацете или нозете и околу устата.
  • Забрзано дишење, срцеви палпитации или несвестица
  • Болка во градите или болка при дишење
  • Упорна кашлица, кашлица пропратена со температура или искашлување крв
  • Влошување на астмата
  • Ако чувстувате дека не можете да земете доволно кислород
  • Ако чувстовото на губење на здив се зголемува кога ќе легнете
  • Ако сметате дека нешто не е во ред. Слушајте ја вашата интуиција.