Лежење на меше: кога, колку и како да го охрабрите бебето да минува време на меше
Поминатото време на стомак е многу важно за бебето. Со лежење на стомак бебето учи и се спрема за понатамошните постигнувања: да се крене, да се преврти, да седне, да лази, па на крај и да застане. Стручњаците потврдиле дека бебињата кои не минат време на стомак често пати имаат одложување на нивниот моторен развој. Лежењето на меше е одлична вежба за зацврстување и развој на горниот дел од телото, мускулите на вратот, како и контрола на главата.
Кога да почнете да го ставате бебето на меше?
По раѓањето бебето веќе може да лежи на меше. Откако ќе падне папочната врвца веќе можете да го ставате бебето да лежи на стомак. Ќе се изненадите, но некои новороденчиња кога се легнати на меше веќе можат да ја вртат главата лево или десно. Внимавајте секогаш да е на тврда подлога и под ваш надзор. Никогаш не го оставајте бебето да спие на стомак, затоа што така се зголемува ризикот од синдром на ненадејна смрт.
Колку често и колку време да поминува бебето на меше?
Некои педијатри препорачуваат бебето да лежи на меше два пати дневно по 5 или 10 минути. Но најважно е да следите колку време прифаќа да лежи на меше вашето бебе, без разлика дали е тоа пола минута или 15 минути. Ставете пред него играчки со интезивни бои, кои ќе го привлечат неговото внимание. Можете да легнете до него и да го привлечете неговиот интерес со зборување и сл.
Но, тука се јавува уште еден проблем. Некои бебиња едноставно мразат да лежат на стомак и тоа не е редок случај.
Како да му помогнете да бебето кое мрази да поминува време на меше?
Еве една едноставна и ефикасна техника за да го охрабрите бебето да лежи на стомак. Техниката е најефикасна за помали бебиња, но може да ја користите и со 4-5 месечни бебиња, па и постари.
- Легнете на грб
- Ставете го вашето бебе да лежи на стомак врз вашите гради, така што ќе може да ве гледа.
- Зборувајте му, привлечете го неговото внимание и обидете се да добиете позитивен одговор. Направете го лежењето на меше забавно искуство, покажувајте му каде му се очите, носето, рацете, охрабрете го и потикнете го неговиот интерес со тонот на вашиот глас итн. Правете се што него ќе му биде забавно.
Некои родители инстиктивно ги држат бебињата малку поткренати во воздух, а тоа ја прави техниката уште позабавна за бебето. Вашиот труд да ги направите работите што е можно позабавни се најважен дел од неговото учење.
Иако со оваа вежба нема да добиете резултати веднаш, сепак таа е одличен начин за да го охрабрите и да го навикнете вашето бебе да минува време на меше, а тоа пак е една од најдобрите подготвителни акции за лазење. Правете ја вежбата секојдневно и немојте да се откажете од неа со мислата дека не е ефикасна, без да и дадете барем 2 недели.
Внимавајте на тоа бебето никогаш да не го оставате на меше без ваш надзор или на мека површина за да избегнете задушување.