Совети за безбедно капење на бебе
Social Buttons
Капењето е нешто, од кое многу нови родители на почетокот малку стравуваат. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат за безбедно капење на бебето:
- Прво и најважно: НИКОГАШ не го оставајте бебето без надзор, ниту за миг. Бебињата можат да се удават во помалку од 3 см вода. Затоа предвреме земете се што ви е потребно: сапун, крпа, чиста пелена, алишта итн. и барем едната рака нека ви биде секогаш врз бебето додека е во водата. Ако заѕвони телефонот и сметате дека мора да се јавите, наметнете го бебето со крпа и земете го со вас.
- Температурата во просторијата треба да биде околу 24 степени целзиусови. Бебињата можат брзо да настинат.
- Не го ставајте бебето во коритото, во кое сеуште тече вода. Температурата на проточната вода може многу брзо да се смени, затоа секогаш прво наполнете го коритото и проверете ја водата.
- Веќе на температура на водата од 60 степени бебињата можат да добијат изгореници од трет степен, за само три секунди.
- Доколку го капете бебето во када, задолжително ставете гумена простирка, која ќе спречи лизгање.
- Температурата на водата треба да биде пријатно топла. Проверете ја со вашиот зглоб или лакот, за да се осигурате дека не е прежешка. Бебињата и тодлерите вообичано сакаат малку постудена вода од вас.
- За мали бебиња ставете само 5-10 см вода во коритото.
- Ако бебето може да седи, немојте да се надевате на направите кои служат за да го придржуваат, иако тие ќе ви бидат од помош. Бебињата можат да се превртат или заглават под нив за миг. Нека не ви даваат лажно чувство на сигурност, едната рака секогаш нека ви биде врз бебето.

- Научете го бебето да не застанува на нозе додека го капете.
- Бебето можете да го капете и со обична, чиста вода, само внимавате зоната каде е пелената и наборите на кожата да бидат добро измиени. Сапуните и шампоните можат да а исушат кожата на бебето, затоа секогаш употребувате нежни бебешки средства и користете ги штедливо. За да не седи бебето долго време во сапуница, испланирајте играта да биде на почетокот од капењето (повеќето бебиња уживаат во капењето и играта во коритата), а сапунот оставете го за крај.
- Немојте да користите пенливи купки, тие можат да ја иритираат уретрата, а тоа може да доведе до инфекции на уринарниот тракт.
- Доколку го капете бебето во када, никогаш не му дозволувајте да ја фаќа славната. Додека е мало нема да има сила да ја сврти, но кога ќе попорасне може да ја пушти жешката вода и да предизвика сериозни повреди.
- Електричните уреди (фенови, преси и сл.) секогаш нека бидат далеку од кадата.



