5 Работи што треба да ги очекувате по породувањето

мајка и новороденче

Да бидеме искрени, моментите по породувањето не изгледаат како на рекламите. Ќе бидете уморна, воедно пресреќна заради вашето малечко, се друго ќе падне во втор план. Еве некои работи што не треба да ве изненадат:

1. Стомакот по породувањето


Заборавете на филмските ѕвезди кои создаваат претстава дека се вратиле на старата линија, уште пред да биде пресечена папочната врвца на бебето. Вистината е дека сеуште ќе изгледате бремена. Претходно стомакот беше тврд и затегнат заради бебето, кое беше внатре. Сега кога бебето веќе не е во стомакот, стриите ќе дојдат до полн израз, а линеа нигра (темната линија на средина на стомакот кај трудниците) може уште повеќе да дојде до израз, да изгледа поширока и потемна. Со текот на времето стриите ќе стануваат побледи и линеа нигра ќе исчезне, но додека се случи тоа може да помине и една година.


2. Матката по породувањето


Матката е мускулест орган. По раѓањето на скапоцената содржина таа треба да се контрахира и да остане стегната. Мислевте дека завршивте со контракциите? Не. Еве зошто, на местото на кое била прикачена плацентата, по породувањето има рана со големина на плацентата на внатрешниот ѕид на матката. Постпородилните контракции ја контролираат загубата на крв со стегање на големите крвни садови кои ја хранеа плацентата. По породувањето вашата матка природно треба да се контрахира.


3. Вагината по породувањето


Што да се каже? Вашето бебе штотуку излезе од вас. Глетката долу нема да биде пријатна, па немојте ни да гледате. За некое време ќе се врати во првобитната состојба, но тоа нема да биде веднаш. Понекогаш се прави епизотомија, понекогаш може да се случи спонтано раскинување (за кое студиите покажуваат дека обично полесно зацелува и не е толку длабоко). Доколку сте имале епизотомија или пак сте распукале раната ќе биде сошиена. Областа ќе биде отечена. Дајте и време на вашата вагина да зацели.


4. Вашите брадавици


Правилното доење и внимавањето на тоа бебето правилно да ја фати брадавицата ќе придонесе доењето да биде многу полесно и да се спречат поголеми оштетувања на брадавиците. Но, дури и кога доењето е правилно, на почетокот може да биде болно. Статистиките покажуваат дека 80-90% од новите мајки имаат болни брадавици. Правилното доење ќе ви овозможи ова да се реши. Ланолин кремата ќе ви биде одличен помошник, намачкајте се добро и оставете ја да стои. Ланолинот нема да му наштети на бебето.


5. Вие по породувањето


Вие сеуште ќе си бидете вие. Целосна личност, а не збир од претходно набројаните делови. Човечко суштество, кое што туку станало мајка. Минавте низ огромно физичко и емотивно искуство. Дајте си време. Не сте должни никому ништо, не сте должни да влезете во старите фармерки, ниту да полагате сметки. Немојте да се споредувате со филмските ѕвезди, кои се враќаат во форма 5 минути по породувањето. Уживајте во мајчинството, сега е време за тоа. Грижете се за себе и за бебето, тоа е сосема доволно!