Промени на расположението во бременоста

Бременоста е период исполнет со огромни промени, не само на физчико, туку и на емотивно ниво. Промените на расположението во бременоста се нормална појава и се само еден нејзин аспект.

Извор на промените на расположението во бременоста можат да бидат физичките промени во телото, како мачнините, киселините и уморот, но во игра се и огромните промени во хормоналната рамнотежа.

Промената на хормоните влијае врз нивото на неуротрансмитери - мозочни супстанции кои го регулираат расположението. Промените на расположението вообичаено се најизразени помеѓу 6 и 10 недела од бременоста, а потоа стивнуваат, за во третото тромесечие и со наближувањето на породувањето повторно да се засилат.

Бременоста за некои жени е време на загриженост за тоа дали ќе бидат добри родители, дали бебето ќе биде здраво, како ќе се снајдат финансиски итн.

Сите овие грижи можат дополнително да го влошат расположението кај жената, дури и ако бебето било потполно посакувано, а бременоста планирана. Во еден миг можете да бидете најсреќната жена на светот, а следниот веќе можеби се прашувате како сте се нашле во оваа ситуација.

Дополнително кај некои жени се јавува загриженост заради промените на изгледот на телото, "здебеленоста", не се чувствуваат привлечни како порано итн.

Едноставно кажано бременоста е период на големи промени и може да биде стресно време.
 

 


Како да си помогнете
 

 

  • Не заборавајте дека емотивните промени кои ги дожувате се нормален дел од бременоста и не сте сами. Вашите сомнежи не значат дека не го сакате вашето бебе.
  • Приуштете си доволно сон, тоа е многу важно за вас и за бебето.
  • Внимавајте на правилната исхрана и вашето здравје, доколку ви е дозволено од лекарот, правете лесни вежби, шетајте и сл.
  • Разговарајте за она што ве мачи. Понекогаш само тоа што ќе се искажете на некој кој е спремен да ве сослуша, може да биде од огромна помош.
  • Зацврстете го вашиот однос со партнерот, сега е добро време за уште подлабоко поврзување. Разговарајте за она што ве мачи, сигурно и нему во главата понекогаш му се врткаат слични грижи како и вам. Искористете го ова време за повеќе отвореност еден кон друг.
  • Правете нешто во што уживате, слушајте музика, одете на кино, романтична вечера, прошетка со пријателката итн. Приуштете си време во кое ќе го правите она што ве прави среќни.
  • Не дозволувајте да ве преплават грижите за бебето. Направете список на она што треба да го направите пред неговото пристигнување и не се обидувајте да постигнете се одеднаш.
     

Кога да побарате помош


За пост породилната депресија се зборува многу, но кај околу 10% од жените се јавува депресија во бременоста. Обратете внимание на следните симптоми:
 

  • Постојана загриженост и иритабилност.
  • Несоница.
  • Неможност да се сконцентрирате.
  • Заборавност.


Доколку страдате од депресија добро е да разговарате со вашиот лекар и да добиете соодветна помош, депресијата во бременоста може да доведе до предвремено породување и влошено здравје кај бебето, како и погоглеми изгледи за пост породилна депресија.