Избор на креветче за бебето

Важноста на изборот на креветче за бебето

Изборот на креветче секако ќе биде една од најважните работи кои ќе треба да ги направите, а се однесуваат на безбедноста на вашето бебе. Креветчето е единственото место, каде бебето ќе го оставите без постојан надзор. Од таа причина исклучително важно е, креветчето да исполнува некои минимални безбедносни стандарди.

За жал многу деца во светот умираат или се хоспитализирани, заради несреќни случки во креветчето.

Минимални безбедносни стандарди

  • Вертикалните решетки да бидат на не поголема раздалеченост една од друга од 6 см. Ова можете да го проверите така што низ решетките ќе се обидете да провлечете лименка од кока кола или слична. Ако лименката може да помине низ решетките, не го земајте креветчето. Ако растојанието помеѓу решетките е поголемо, тоѓаш лесно може да дојде бебето да ја провлече главата низ решетките и да дојде до несреќа.
  • На делот кој што се наоѓа над главата или под нозете, не е препорачливо да има отвори или барем нека не бидат поголеми од 6 см.
  • Ќошињата не треба да се издигнуваат над душекот. Во спротивно би можело да дојде до закачување на некој дел од облеката на бебето и загушување.
  • Кога страниците на креветчето ќе се спуштат, треба да бидат барем 23 см над душекот.
  • Кога страниците се кренати, треба нивната висина да биде барем 65 см.
  • Внимавајте креветчето да нема остри рабови или кошиња од кои бебето може да се повреди.
  • Доколку користите веќе користено креветче, осигурајте се дека е добро зацврстено, дека сите шрафови се стегнати и сл. Долку го бојадисувате креветчето, имајте на ум дека тоа треба да го направите порано, за да има доволно време бојата целосно да се исуши.

Избор на душек за креветчето

Душекот треба да биде цврст. На ова треба да се внимава затоа што душекот ќе им дава потпора на коските, кои растат и се развиваат. Друга причина е што ако бебето е на мека подлога и се сврти, може со лицето да потоне во душекот и да дојде до гушење.

Душекот треба да биде со соодветна големина за креветчето. Ако можете да ставите два прста помеѓу душекот и креветчето, тогаш душекот е премал и може во тој простор да се заглави главчето или некој друг дел од телото на бебето.

Доколку буџетот ви дозволува, можеби ќе сакате да купите душек со антиалергиска превлака или од органски материјал. Но сето тоа се опции.

Местоположба на креветчето

Креветчето е пожелно да биде на осветлено место, но не директно изложено на сонце.

Внимавајте на тоа креветчето да не биде поставно на место, каде бебето ќе може да дофати нешто што би му помогнало да се издигне од креветчето, на пример завеси и сл.