Интимни или хм.... малку незгодни труднички проблеми

трудница

Кога бременоста се опишува во розови бои, се вели дека тоа се најубавите 9 месеци во животот на жената, период кога таа блеска, ужива итн. Во реалноста тие 9 месеци си имаат свои предизвици, а некои од нив и не се многу наклонети кон вашето достоинство. Еве некои од нив:


Испуштање гасови во најнепогодно време


Бременоста е период кога стомакот е често подуен и се пристутни проблеми со варење на храната. Тоа е за очекување, имајки впредвид дека бебето ги притиска вашите органи, ве клоца, а просторот е се потесен. Гасовите често нема да можете да ги контролирате и тоа ќе се случува и на јавни места. Тука можете да прочитате како да ги намалите овие проблеми: Гасови и подуеност во бременост.


Потење


Бременоста е време кога ќе се задишувате, ќе ви биде жешко и се разбира дека ќе имате зголемено потење. Нема да ви биде потребен поголем напор, доволно ќе биде да побрзате да го фатите автобусот, да зборувате на телефон додека одите или да искачите неколку скали. Потењето може да биде толку изразено, што кога ќе ви велат дека блескате со труднички сјај, всушност ќе се прашувате дали не мислат на вашето испотено лице.


Зголемена влакнавост


Зарем хормоните немаат смисла за хумор? Еден од нивните дарови во бременоста е и зголемената влакнавост. Сигурно ќе бидете воодушевени од густината на вашата коса и нејзиниот сјај, но тука се и зајакнатите влакна на лицето, на брадата итн.


Зголемена вагинална миризба


Како да не е доволно што се грижите за миризбата од потењето и гасовите, па сега уште се прашувате дали и другите луѓе во автобусот можат да ја почувстуваат вашата вагинална миризба. Немојте да грижите, не можат. Во бременоста вашето сетило за мирис е поизострено, а вагиналниот мирис станува нешто посилен. Сепак, ако почувстувате остра, непријатна миризба, миризба на риба и сл. известете го вашиот гинеколог, можеби се работи за некоја бактериска инфекција.


Инконтенција


Кај некои трудници се чини како секое кашлање, кивање, смеење итн. да предизвикува протекување од бешиката. Епа не е ни чудо, особено ако бебето седи на бешиката. Сепак, од голема помош ќе ви бидат кегеловите вежби.


Лактација


Доењето е прекрасно, но истекувањето на колострум во шести месец можеби не е она што го очекувате. Колострумот кај некои трудници не се јавува се до породувањето, но кај некои се јавува неколку месеци порано.


Кандида во бременоста


Хормоналните промени ги прават трудниците да бидат поподложни на кандида. Чешањето може да биде многу непријатно, но со исхраната можете активно да влијаете врз спречување на оваа состојба. Повеќе за кандида во бременоста прочитајте Кандида и бременост.


Промени на расположението


Во моментот кога ќе се случува тоа и нема да ви изгледа како нешто од што би се срамеле, ниту пак ќе приметите дека чудно сте изреагирале. Ќе ви изгледа сосема оправдан гневот спрема келнерката која ставила погрешен вид на млеко во вашето кафе, спрема вашиот сопруг кој ги спомнал трудничките хормони, плачењето затоа што на ТВ се емитува несоодветен филм итн. Не, вашата реакција е сосема оправдана... се додека не помине бременоста и си ги вратите сеќавањата наназад. Повеќе за промени на расположението во бременоста можете да прочитате тука


Чешање на градите и брадавиците


Вашите гради растат и се подготвуваат за доење на вашето бебе. Како да не е доволно чешањето од кандидата, чешањето на стомакот заради растегање на кожата, па сега уште и ова. Се воздржувате пред колегите, додека вашите гради ве молат да ги почешате, а вие се обидувате неприметно да одговорите на нивниот повик - употребувајки ги зглобовите. За да ја намалите оваа непријатност добро е да ги мачкате со кокосово масло, кое е нетоксичен и одличен навлажнувач.


Напомена:

Без разлика колку и да ви се чини некој проблем дека е засрамувачки, секогаш разговарајте со вашиот лекар. Не дозволувајте стравот од неговата замислена реакција да ве спречи да добиете помош и смирувачки совет. Верувајте, сето она што ве мачи, лекарите го чуле веќе многу пати претходно.