Што ќе ви недостасува по бременоста

Сигурно штом ќе ја разгласите веста за бременоста ќе почнете да слушате честитки и совети од типот "Уживај во бременоста". Можеби ќе си речете како да уживам во мачнините, киселините, големината и другите пропратни ефекти на бременоста. Сепак ако се сконцентрирате на позитивното можете да поминете 9 незаборавни месеци на задоволство. Бременоста можеби е пропратена со некои неугодности, но никогаш не заборавајте дека во вас се случува нешто прекрасно и чудесно. Само во тие 9 месеци во вашето тело се создава живот. Еве само некои од работите во бременоста кои ќе ви недостасуваат по нејзиното завршување.

  1. Имате само ваша тајна, барем на почетокот. Никој друг не знае, но вие знаете дека во вас расте живот.
  2. Ќе можете да спиете без притоа да се правдате пред себе или другите. Уживајте во спиењето, наскоро ќе спиете кога ќе ви дозволи бебето. Бременоста е период кога на мајката и се препорачува да спие колку што и бара телото. Колку убава прилика, нели?
  3. Луѓето кои не ве познаваат стануваат пољубезни со вас. Ви се смешкаат на улица, ве прашуваат по чекалните дали е девојче или машко, уште колку ќе се роди, ви честитаат итн.
  4. Уживајте во трудничкиот блесок. За трудниците се вели дека сјајат, тоа е навистина така затоа што хормоните го зголемуваат волуменот на крвта, а тоа е видливо и на лицето.
  5. Радоста на исчекувањето да го видите вашето бебенце на ехо, да го чуете неговото срце, да го земете во вашата прегратка итн. Исчекувањето навистина носи неповторлива радост. Ќе бидете радосни и со бебенцето во раце, но и оваа исчекувачка радост е посебна.
  6. Кај трудниците има напади на стрвост за одредена храна и сите сметаат дека треба да им се угодува. Уживајте во тој дел од бременоста, потоа веројатно нема да можете да го натерате вашиот сопруг да бара сладолед во 2 часот по полноќ.
  7. Чувството дека во вас се создава живот е неповторливо. Тоа навистина прави да се чувствувате посебно. Замислете од 2 клетки, се напавија 4, беше со големина на глава од топувче и секој ден се повеќе расте. Неколку дена по доцнењето на вашата менструација во вас почнува да чука уште едно срце. Еден целосно нов живот и една целосно нова личност со своја судбина расте во вас. Токму во вас.
  8. Вие сте во центарот на вниманието. Кога бебето ќе се роди работите ќе се сменат, но додека трае бременоста опуштете се и уживајте во тоа дека вниманието е врз вас, заедно со сите пропратни благодети.
  9. Уживањето во купувањето. Бременоста е време на многу купување. Алишта за вас, алишта за бебето, креветче и сите неопходни работи за бебето итн. Уживајте во времето на купување на сите тие преважни нешта.
  10. Кога ќе заврши бременоста ќе ви недостасуваат движењето, клоцањето, салтата, икањето и сите други нешта кои сега чувствувате како бебето ги прави во вашиот стомак. Чувството кога го чувствувате движењето на бебето е едноставно неповторливо и незаменливо.
  11. Домашните ви угодуваат, сопругот ве разгалува, масажа на стопалата, рамо за утеха итн. Зарем не е убав животот? Кога бебето ќе се роди вие ќе бидете таа која ќе се грижи за друг. Засега уживајте во тоа дека другите се грижат за вас.
  12. На многу жени косата во бременоста им станува побујна и посјајна. Уживаје во вашата коса додека е таква, наскоро и тоа веројатно ќе претрпи драстична промена.
  13. Никогаш не сте сама. Бременоста е период кога имате прилика за поголема близина со некого повеќе од било кога дотогаш. Уживајте во вашето бебе.
  14. Имате изговор за се. Нешто сте заборавиле? Во ред е, бремена сте. Сакате да одмарате? И тоа е во ред, бремена сте. Сакате да шетате? Па нормално, вие сте бремена. Бременоста како да е универзален изговор за се. Оние работи за кои луѓето би ве погледнале прекорно, во бременоста се безусловно прифатени.
  15. Бременоста е време кога постојано ви се случува нешто ново. Промените во вашето тело се постојани и постојано можете да бидете изненадувани. Стариот начин на живот, во кој се беше предвидливо сега го нема.
  16. Сета таа мотивација да почнете да водите поздрав живот. Ги оставате цигарите, почнувате да внимавате на здравата исхрана, внимавате да пиете доволно течности итн. Оваа грижа е од непроценливо значење за вашето бебе. Обидете се оваквите навики да продолжат и понатаму.

Колку и да звучи неверојатно многу работи  од бременоста навистина ќе ви недостасуваат. Уживајте во нив додека можете.