Што ќе ви недостасува по бременоста
Social Buttons
Сигурно штом ќе ја разгласите веста за бременоста ќе почнете да слушате честитки и совети од типот "Уживај во бременоста". Можеби ќе си речете како да уживам во мачнините, киселините, големината и другите пропратни ефекти на бременоста. Сепак ако се сконцентрирате на позитивното можете да поминете 9 незаборавни месеци на задоволство. Бременоста можеби е пропратена со некои неугодности, но никогаш не заборавајте дека во вас се случува нешто прекрасно и чудесно. Само во тие 9 месеци во вашето тело се создава живот. Еве само некои од работите во бременоста кои ќе ви недостасуваат по нејзиното завршување.
- Имате само ваша тајна, барем на почетокот. Никој друг не знае, но вие знаете дека во вас расте живот.
- Ќе можете да спиете без притоа да се правдате пред себе или другите. Уживајте во спиењето, наскоро ќе спиете кога ќе ви дозволи бебето. Бременоста е период кога на мајката и се препорачува да спие колку што и бара телото. Колку убава прилика, нели?
- Луѓето кои не ве познаваат стануваат пољубезни со вас. Ви се смешкаат на улица, ве прашуваат по чекалните дали е девојче или машко, уште колку ќе се роди, ви честитаат итн.
- Уживајте во трудничкиот блесок. За трудниците се вели дека сјајат, тоа е навистина така затоа што хормоните го зголемуваат волуменот на крвта, а тоа е видливо и на лицето.
- Радоста на исчекувањето да го видите вашето бебенце на ехо, да го чуете неговото срце, да го земете во вашата прегратка итн. Исчекувањето навистина носи неповторлива радост. Ќе бидете радосни и со бебенцето во раце, но и оваа исчекувачка радост е посебна.
- Кај трудниците има напади на стрвост за одредена храна и сите сметаат дека треба да им се угодува. Уживајте во тој дел од бременоста, потоа веројатно нема да можете да го натерате вашиот сопруг да бара сладолед во 2 часот по полноќ.
- Чувството дека во вас се создава живот е неповторливо. Тоа навистина прави да се чувствувате посебно. Замислете од 2 клетки, се напавија 4, беше со големина на глава од топувче и секој ден се повеќе расте. Неколку дена по доцнењето на вашата менструација во вас почнува да чука уште едно срце. Еден целосно нов живот и една целосно нова личност со своја судбина расте во вас. Токму во вас.
- Вие сте во центарот на вниманието. Кога бебето ќе се роди работите ќе се сменат, но додека трае бременоста опуштете се и уживајте во тоа дека вниманието е врз вас, заедно со сите пропратни благодети.
- Уживањето во купувањето. Бременоста е време на многу купување. Алишта за вас, алишта за бебето, креветче и сите неопходни работи за бебето итн. Уживајте во времето на купување на сите тие преважни нешта.
- Кога ќе заврши бременоста ќе ви недостасуваат движењето, клоцањето, салтата, икањето и сите други нешта кои сега чувствувате како бебето ги прави во вашиот стомак. Чувството кога го чувствувате движењето на бебето е едноставно неповторливо и незаменливо.
- Домашните ви угодуваат, сопругот ве разгалува, масажа на стопалата, рамо за утеха итн. Зарем не е убав животот? Кога бебето ќе се роди вие ќе бидете таа која ќе се грижи за друг. Засега уживајте во тоа дека другите се грижат за вас.
- На многу жени косата во бременоста им станува побујна и посјајна. Уживаје во вашата коса додека е таква, наскоро и тоа веројатно ќе претрпи драстична промена.
- Никогаш не сте сама. Бременоста е период кога имате прилика за поголема близина со некого повеќе од било кога дотогаш. Уживајте во вашето бебе.
- Имате изговор за се. Нешто сте заборавиле? Во ред е, бремена сте. Сакате да одмарате? И тоа е во ред, бремена сте. Сакате да шетате? Па нормално, вие сте бремена. Бременоста како да е универзален изговор за се. Оние работи за кои луѓето би ве погледнале прекорно, во бременоста се безусловно прифатени.
- Бременоста е време кога постојано ви се случува нешто ново. Промените во вашето тело се постојани и постојано можете да бидете изненадувани. Стариот начин на живот, во кој се беше предвидливо сега го нема.
- Сета таа мотивација да почнете да водите поздрав живот. Ги оставате цигарите, почнувате да внимавате на здравата исхрана, внимавате да пиете доволно течности итн. Оваа грижа е од непроценливо значење за вашето бебе. Обидете се оваквите навики да продолжат и понатаму.
Колку и да звучи неверојатно многу работи од бременоста навистина ќе ви недостасуваат. Уживајте во нив додека можете.




